Папата во Баменда: „Тешко на оние што ја злоупотребуваат религијата за воена или политичка корист“

Папата во Баменда: „Тешко на оние што ја злоупотребуваат религијата за воена или политичка корист“

Зборувајќи на средба посветена на мирот во Баменда, Камерун, папата Лав XIV предупреди на „господарите на војната“, кои се однесуваат како да не сакаат да признаат дека „потребен е само еден миг за уништување, а често целиот живот не е доволен за обнова“, и кои трошат милијарди за оружје, а не вложуваат во исцелување на луѓето и обновување на заедниците.

Во текот на привремениот прекин на насилствата во Камерун, папата Лав XIV на својот втор ден од посетата на земјата отпатува во Баменда, англофонски град во северозападниот дел на државата.

По средбата со локалните власти на аеродромот, Светиот Отец се упати кон катедралата „Свети Јосиф“, седиште на Надбискупијата Баменда, каде што се одржа Средбата за мир. Откако помина неколку моменти во молитва во капелата на Пресветата Евхаристија, Папата, заедно со надбискупот на Баменда, Андреј Нкеа Фуања, влезе во катедралата.

Присутните најнапред ги слушнаа сведоштвата на врховниот традиционален поглавар на Манкон, Фон Фру Асаа Ангвафор IV, на заслужниот модератор на Презвитеријанската црква Фонки Самуел Форба, на имамот на Централната џамија во Буеа Мохамед Абубакар, на сестра Карин Тангири Мангу од заедницата на Света Ана, како и на едно семејство на внатрешно раселени лица.

Тука да го навестиме мирот

Осврнувајќи се на тие сведоштва, папата Лав XIV истакна дека нивното „животно искуство на страдање“ уште повеќе ја зацврстило верата во постојаното Божјо присуство.

Тој потсети на зборовите од пророкот Исаија: „Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир“ (Исаија 52,7), а потоа рече дека убавината на нозете на заедницата во Баменда е во тоа што тие се „прашливи од оваа крвава, но плодна земја, измачена, а сепак богата со вегетација и плодови“.

Нивните нозе, рече Папата, ги одвеле далеку и покрај сите страдања, а заедницата останала на патот на добрината. „Јас сум тука да го навестам мирот“, истакна тој, но додаде дека и народот на Баменда нему му ја навестува истата порака на мирот.

„Ти си град на рид“

Папата потсети дека кризата што го потресува Камерун ги зближила христијаните и муслиманите. Тој посочи дека верските водачи заедно основале Движење за мир, преку кое се обидуваат да посредуваат меѓу спротивставените страни.

Истовремено, Светиот Отец предупреди на оние што „ја злоупотребуваат религијата и самото Божјо име за сопствена воена, економска и политичка корист, влечејќи го она што е свето во темнина и нечистотија“.

И покрај речиси десетгодишниот конфликт, Папата нагласи дека народот на Баменда останува светлина на светот, затоа што е гладен и жеден за правда. „Баменда, денес ти си град на ридот, кој свети пред очите на сите“, рече тој, охрабрувајќи ги присутните да не ја губат надежта.

Потребен е само еден миг за уништување

Обраќајќи им се особено на мирјаните и на посветените жени што се грижат за лицата трауматизирани од насилството, Папата им изрази благодарност за нивното храбро служење.

Тој рече дека „господарите на војната“ се однесуваат како да не сакаат да видат дека за уништување е доволен еден миг, а за обнова често не е доволен ниту целиот човечки живот. Папата се пожали дека милијарди долари се трошат за убивање и разурнување, додека средствата за лекување, образование и обнова остануваат недостапни.

Според неговите зборови, оние што ги извлекуваат ресурсите од африканските земји, истите тие средства ги насочуваат кон оружје, продолжувајќи бескраен круг на дестабилизација и смрт. Тој повика сите јасно да ја осудат и отфрлат таквата злоупотреба на Божјото создание.

Повик на преобраќање и братство

Папата Лав XIV упати повик за „одлучна промена на правецот“, за вистинско преобраќање што ќе го насочи човештвото кон одржлив пат исполнет со братство. Тој истакна дека светот го разоруваат малкумина тирани, а го одржуваат безброј браќа и сестри што се поддржуваат меѓусебно.

Мирот, рече Папата, не се измислува, туку се открива кога човекот ќе го прифати ближниот како брат и сестра. На крајот, повикувајќи се на Evangelii gaudium, папата Лав XIV потсети дека мисијата не е само дел од животот, туку самата причина за нашето присуство во светот.

Затоа, Светиот Отец ги повика сите да бидат дел од револуцијата на заедничкото одење, секој во својот повик, развивајќи ја на конкретен начин мисијата на љубов кон ближниот. Притоа потсети и на зборовите на имамот дека треба да Му се благодари на Бога што кризата не се претворила во верска војна и што луѓето сè уште настојуваат да се сакаат меѓусебно.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот