Папата во аудиенција ја прими палестинската делегација

Папата во аудиенција ја прими палестинската делегација

Утрото пред Генералната аудиенција, на 6 декември 2017 година, папата Фрањо ја прими палестинската делегацијата која учествуваше на средбата во организација на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог.

Во таа прилика Светиот Отец напомена дека за Католичката Црквата секогаш е радост да се градат мостови на дијалог со заедници, поединци и организации, а посебна радост е тоа да се оствари со палестинските верски и интелектуални водачи.

Светата Земја за нас христијаните е исклучително место на дијалог помеѓу Бог и човештвото – објасни Папата – чиј врв се случил во Назарет помеѓу ангелот Гаврил и Дева Марија, а станува збор за настан кој се спомнува и во Куранот. Тој дијалог потоа на единствен начин продолжува помеѓу Исус и неговиот народ кој го преставува целото човештво.

Дијалогот се одвива на сите нивоа – продолжи Светиот Отец – со самите себе по пат на размислување и молитва, во семејството, верската заедница, меѓу различните верски заедници, а исто така со граѓанското општество. Основни услови за тој дијалог е меѓусебното почитување, а истовреме и залагањето за зацврстување на тоа почитување заради признавање на правата на сите луѓе без разлика каде да се. Дијалогот е извор на поголемо меѓусебно познавање, взаемно почитување и соработка за да се постигне општото добро и со заедничко делување да се загарантира оние во потреба да ја добијат неопходната помош.

Папата на собраните им рече дека неговата надеж, дека нивните средби и разговори ќе помогнат да се отвори простор за искрен дијалог во корист на сите составни делови на палестинското општество, а посебно за христијанската заедница, со оглед на нејзиниот мал број како и на предизвиците со кои се соочува, посебно во однос на иселувањето. Папата Фрањо се присети на љубезноста која кон христијанската заедици ја покажаа палестинските власти, признавајќи го нејзиното место и улогата во палестинското општество и на крајот изрази искрени желби за мир и благосостојба на палестинскиот народ, Светата Земја и целиот Блиски Исток.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот