Папата: Верата е радосно прифаќање на животот

Папата: Верата е радосно прифаќање на животот

Да се верува во Исус значи да се прифати животот каков што е и радосно да се оди напред, без очајување, не дозволувајќи гревот на духовната тромост да нѐ парализира – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 28 март 2017 година, во капелата на домот Света Марта.

Папата се осврна на литургиското евангелие кое зборува за тоа како Исус го оздравува фатениот човек кој 38 години поминал во јавната бања во Ерусалим, затоа што не можел меѓу првите да влезе во водата. Здогледувајќи го Исус го прашува: „Сакаш ли да оздравиш?“ И на нас Исус секогаш ни зборува: Сакаш ли да оздравиш? Сакаш ли да бидеш среќен, сакаш ли да го подобриш својот живот? Сакаш ли да те исполни Светиот Дух? Сите кои лежеле во тремовите на бањата на тоа прашање би одговориле: „Да, Господи, сакам да оздравам.“ Фатениот му одговара на Исус: „Господи, јас немам никој кој би ме спуштил во бањата кога ќе се замати водата; додека, пак, јас дојдам, друг слегува пред мене.“ Очајот е неговиот одговор. Господ, кон мене животот е неправеден. Сите можат да влезат и да оздрават, а јас 38 години не успевам – рече Папата додавајќи:

Тој човек бил како стебло со поток, за кое се зборува во првиот псалм, но „имал суви корења“ кои не ја допирале водата, не можел да го земе здравјето од водата.“ Тоа се разбира од однесувањето на овој човек, од очајот и обвинувањето на другите. „Другите стигнуваат пред мене, а јас бедник овде седам 38 години.“ Тој е гаден грев, грев на духовна мрзеливост – рече Светиот Отец додавајќи:

Овој човек не бил толку болен заради фатеноста колку од духовната тромавост, која е уште полоша од млакото срце. Тоа е духовна комотност и безволност за да се оди напред, нешто да се направи во животот, знае дека се загубила радоста на живеење. Тој човек заборавил што е радост, а тоа е грев. Гадна болест е кога некој вели дека се навикнал на својот живот. Се чувствувала горчина во срцето на фатениот – рече Папата.

Исус не го укорува, туку му вели: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!“ Оздравел, а Јудејците му рекле дека во сабота не е дозволено да се носи постелката и го прашале кој го оздравел. „Тој е против законот, не е Божји човек.“ Оздравениот не му заблагодарил на Исус, ниту го прашал како се вика. Живеел гледајќи ги другите кои биле посреќни од него, бил тажен, заборавил што е радост. Духовната мрзеливост е парализирачки грев, не ни дозволува да одиме напред. Бог денес го гледа секој од нас, сите сме грешни и ни вели: Стани!

Стани, земи го својот живот таков каков што е, убав или лош, земи го и оди напред. Не плаши се, со својата постелка оди напред. Тоа е твојот живот, твојата радост. „Сакаш ли да оздравиш?“ – прашува Господ. Да, Господи. Тогаш стани! Антифонот на почетокот на светата Литургијата, беше прекрасен вовед: „Вие кои сте жедни дојдете на вода – бесплатна е – радосно напијте се.“ Ако му кажеме на Господ: „Да, сакам да оздравам. Господи, помогни ми да станам, ќе ја запознаеме радоста на спасението – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот