Папата: Богородица е вистинска Мајка

Папата: Богородица е вистинска Мајка

Во сабота 26 август 2017 година Светиот Отец упати видео порака до поклониците во Честохова, духовниот центар на Полска, по повод 300 годишнината од крунисувањето на иконата Црна Богородица од Честохова.

Голема е честа да се има Царица за Мајка, но уште е поголема радоста да се има Мајка за Царица – рече папата Фрањо и продолжи: Ако Честохова е срцето на Полска, тоа значи дека Полска има мајчинско срце, односно секој чекор во животот се прави заедно со Мајката Божја. На неа и ги доверувате: минатото, сегашноста, иднината, радоста и стравовите, како од својот живот, така и на својата земја. Тоа е многу добро – напомена Папата. Светиот Отец исто така потсети на својата минатогодишна посета во тоа светилиште по повод прославата 1050 години од Крштението на Полска. При тоа зборуваше за значењето на иконата Богородица од Честохова: Таа света икона ни открива дека Марија не е некоја далечна царица, која седи на престолот, туку Мајка која го прегрнува својот син, а со него и нас, сите свои деца – рече Папата. Таа е вистинска Мајка, Мајка која трпи со нас, затоа што на срце си ги зема проблемите од нашиот живот. Таа е Мајка која ни е близу и која никогаш не нѐ губи од вид, нежна Мајка која нѐ држи за рака на нашиот секојдневен животен пат. Папата Фрањо има посака на поклониците по повод јубилејот да почувствуваат дека никој од нив не е сираче: Мајката на секој од нас ни е блиска. Нека Богородица измоли милост да се радувате заедно како семејство кое се собира околу својата Мајка – рече папата Фрањо.

Светилиштето Црна Богородица или Богородица од Јасна Гора во Честохова е најголемо маријанско светилиште во Полска. Според легендата, Црната Богородица со Исус ја нацртал свети Лука на даска од масата, која ја направил самиот Исус. Во 4 век таа икона е зачувана од света Елена и ја пренела во Цариград. Легендата зборува дека за време на иконоборците иконата била сокриена во полските шуми, а покасно пренесена во Честохова. После тие настани во 1430 година за таа икона е изградена готска катедрала, а покасно со тоа светилиште била поврзана судбината на самата Полска.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот