Папата Фрањо во петок 8 јуни 2018 година служеше света Литургија во домот Света марта во Ватикан и истакна дека Бог својата љубов ја искажува преку неговата нежност
Божјата љубов е безгранична. Неговата големина се гледа во маленкоста и нежноста – истакна папата Фрањо, напоменувајќи дека Христос од нас не бара големи говори за љубовта, туку да вршиме мали, конкретни дела во секојдневието.
Бог прв нѐ засака
Денес во сеопштата Црква се слави празникот Пресвето Срце Исусово, празник, кој Светиот Отец во проповедта го нарече празник на Божјата љубов. Тој објасни дека Бог е тој кој прв нѐ засака. Бог е таков: секогаш љуби прв – рече Папата и додаде: Тој прв чека на нас, Тој прв љуби. Тој прв ни помага. Но, не е лесно да се разбере Божјата љубов – рече папата Фрањо, свртувајќи внимание на второто литургиско читање од Посланието на светиот апостол Павле до Ефесјаните во кое апостолот пишува за „неискажаното богатство Христово и да „открие во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога“.
Тоа е љубов која не може да се разбере – повтори Светиот Отец и продолжи: Љубовта Христова го надминува секое спознание, која ги надминува сите. Толку е голема Божјата љубов. Еден поет вели дека таа е како „море, без крајбрежје, без дно“, безгранично море. Тоа е љубов која треба да ја сфатиме, љубов која ја примаме.
Бог е голем учител
Низ историјата на спасението Господ ја открива својата љуов кон нас, Тој е голем учител – рече Папата и надоврзувајќи се на зборовие од пророкот Осија од првото читање, објасни дека Бог љубовта не ја искажува по пат на моќ. „Јас Самиот го учев Ефрема да оди, го носев на рацете Свои, а тие не сфаќаа дека со тоа ги лекував (Осија 11,3). Го држел за рака, како татко – напомена Папата.
Бог ја искажува својата љубов преку нежност
Како ја покажува Бог својата љубов? Преку големи работи? – праша Светиот Отец и одговори: Не, туку сѐ прави со мали дела на нежност и добрина. Се понизува, се приближува. И со таа близина, со тоа што ќе се понизи, ни помага да ја сфатиме големината на таа љубов. Големото се сфаќа преку малото.
Папата рече дека на крајот Бог го испрати својот Син да земе тело и Синот самиот себе се понизи сѐ до смртта. Тоа е таинството на Божјата љубов: најголемото величие се искажува во најмалата маленкост и папата Фрањо рече дека на тој начин исто така може да се сфати христијанскиот пат.
Кога Исус сака да нѐ поучи за тоа каков треба да биде христијанскиот став, тогаш ни зборува за мал број работи, нѐ упатува на славното мерило според кое сите ќе бидеме судени – рече Папата и продолжи? И што вели? Тој не зборува: Мислам дека Бог е ваков. Ја сфатив Божјата љубов“. Не. „Ја искажав Божјата љубов во малите работи: ги нахранив гладните, на жедните им дадов да пијат, ги посетив болните и затворениците“. Делата на милосрдие се токму патот на љубов, на кој Исус постојано нѐ подучува и тоа со голема Божја љубов!
Според ова не се неопходни големи говори за љубовта, туку се потребни мажи и жени кои знаат како да ги вршат тие мали работи за Исус, за Отецот – напомена Светиот Отец и заврши: Делата на милосрдие се континуитет на таа љубов која изгледа мала, која ни доаѓа и ние ја носиме напред.
РВ/к.мк