Папата: Бог оди со својот народ
Папата Фрањо: Бог не сакал да помирува со магично стапче – еден потег и сè е решено – туку одлучил да оди со својот народ. Бог е голем и семоќен, но нè учи да правиме големи дела на помирување и носење мир во малото, во одењето, не губејќи надеж и сонувајќи големи соништа.
Бог помирува и носи мир во малите работи, одејќи со својот народ – рече Папата на светата Литургија на 8 септември во домот Света Марта. Размислувајќи за денешниот празник Раѓање на Блажена Дева Марија, истакна дека сите сме повикани да бидеме понизни и блиски на ближниот како што Исус нè учи во блаженствата.
Како Бог помирува и кој е стилот Божји на помирување? Исусовото послание било да „помирува и да носи мир“, но кога Бог помирува не собира големо собрание, не потпишува некој документ, туку помирува на посебен начин – во малите работи и во одењето со својот народ – рече Папата.
Понатаму потсети како во денешното читање од книгата на пророкот Михеј зборува за малиот Витлеем кој ќе стане голем, бидејќи од него ќе излезе мир. Бог секогаш ги избира малите и понизни работи за да направи големи дела. Истото и ни го зборува и на нас дека треба да станеме како малите деца за да можеме да влеземе во Царството небесно. Бог – заклучи – помирува и носи мир во малите.
Бог не сакал да помирува со магично стапче – еден потег и сè е решено – туку одлучил да оди со својот народ. Тоа се гледа во Исусовото родословие, кое Матеј го наведува во денешното Евангелие. Тоа е Божјото одење меѓу луѓето, и меѓу добрите и меѓу лошите, бидејќи меѓу тие генерации има и светци, но има и злосторници и грешници. Меѓу нив има мноштво гревови, но Бог од тоа не се плаши, туку оди со својот народ. Нашиот Бог ни е близок, а неговото одење и со добрите и со лошите го обликува нашиот стил на живот – рече Светиот Отец.
На кој начин ние како христијани треба да помируваме – праша Папата и веднаш одговори: Спроведувајќи го во дело „протоколот“ на љубовта кон ближниот, односно 25 глава од Евангелието по Матеј. Потоа истакна дека израелскиот народ сонувал за ослободување и помирување согласно Божјите ветувања. Сонот на Јосиф пак е како резиме на целата историја на Божјото одење со својот народ. Меѓутоа – како што рече – и Бог затоа што е Отец и сака сѐ најдобро за своите деца, сонува убави работи за својот народ, за секој од нас.
Бог е голем и семоќен, но нè учи да правиме големи дела на помирување и носење мир на малите, во одењето, не губејќи надеж и сонувајќи големи соништа. Денес кога го славиме одлучниот дел од историјата на спасението – Раѓањето на Богородица – да молиме за милоста на единството, помирувањето и мирот; но секогаш во одењето, во блискоста со другите, како што нè учат блаженствата и 25 глава од Евангелието по Матеј. Продолжувањето на мисното славење рече Папата – се случува во малите работи: парче леб и малку вино. Но во тоа мали нешта присутно е сè: Божјиот сон, неговата љубов, неговиот мир, неговото помирување. Присутен е Исус, а Он е сето тоа – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк/Д.И.