Бидете храбри христијани, закотвени во надежта и способни да издржат во мрачните моменти – со тие зборови папата Фрањо ги охрабри присутните верници на светата Литургија на 17 јануари 2017 година, во домот Света Марта.
Мрзеливите христијани се неподвижни, рече Папата – за нив Црквата е добро паркиралиште.
Светиот Отец своето размислување го започна со денешниот библиски дел од Посланието до Евреите. „Животот на христијанинот е храбар живот,“ рече Папата во својата проповед и објасни дека ревноста, храброста за да се оди напред за што зборува Посланието треба да бидат нашиот став кон животот. Но, ова прво читање исто така говори за мрзеливоста која е спротивна на храброста. „Да се живее во фрижидер, така што сѐ да остане како што е“ – сумираше Папата и продолжи:
„Мрзеливите христијани, христијаните кои немаат желба да одат напред, христијаните кои не се борат работите да се променат, за нови работи, за работи кои на сите нас би направиле добро кога би се промениле. Тие се мрзеливи, „паркирани“ христијани: за нив Црквата е добро место за паркирање. А кога ќе кажам христијани, мислам на лаиците, свештениците, епископите… на сите. Но, постојат неподвижни христијани: за нив Црквата е паркиралиште која им го чува животот и одат напред со сите можни сигурности. Кога ќе помислам на тие неподвижни христијани, се сеќавам на нешто што на нас како децата ни зборуваа нашите дедовци: „Чувајте се од мирната вода, таа која не тече, затоа што таа прва ќе се расипе.“
Тоа што христијаните ги прави храбри е надежта, додека „мрзеливите христијани немаат надеж“, тие се „ во пензија“, рече Светиот Отец. Папата рече дека е убаво по многу години работа да се отиде во пензија, но притоа предупреди: „да се помине целиот свој живот во пензија е лошо!“ Спротивно на тоа, надежта е сидро за кое се фаќаме за да продолжиме да се бориме во тешките моменти.
„Ова е денешната порака: надежта, таа надеж која не разочарува, која гледа напред. И (авторот на Посланието до Евреите) вели: надежта е доверливо и цврсто сидро за нашиот живот. Надежта е сидро: сме го фрлиле, се држиме за јажето, но притоа одиме напред. Тоа е нашата надеж. Нема размислување: „Да, но, таму е небото, колку убаво, останувам…“ Не. Надежта е борба, држење за јажето за да стигнеме до таму. Во секојдневната борба, надежта е добродетел на хоризонтот, а не на затвореноста! Можеби е добродетел која најмалку се разбира, но е најсилна. Надеж: да се живее во надеж, од надеж, секогаш гледајќи храбро напред. Некој од вас би можел да каже: „Да, оче, но постојат лоши моменти, во кои сѐ изгледа мрачно… што треба тогаш да правиме?“ Држи се за јажето и издржи“, рече папата Фрањо.
„На никој од нас животот не му е дојден замотан како дар,“ рече Светиот Отец; ни треба храброст за да одиме напред и да издржиме. Храбрите христијани можеби грешат, но сите ние грешиме – истакна Папата. „Тие кои одат напред прават грешките, додека пак еподвижните ни изгледаат дека не прават грешки.“ А кога „не можеш да одиш затоа што сѐ е мрачно, затворено“, треба да издржиш, да истраеш.
Конечно папата Фрањо нѐ повика да се преиспитаме дали сме затворени христијани или сме христијани на хоризонтот? Дали сме способни да издржиме во тешките моменти, свесни дека надежта не разочарува – „Бидејќи јас знам“, рече „дека Бог не разочарува:“
„Да си поставиме прашање: Каков сум? Каков е мојот живот на верата? Дали тој е живот на хоризонтот, надежта, храброста или млак живот кој не знае да издржи во тешките моменти? Нека Господ ни даде милост, како што се молевме во соборната молитва, да го надминеме својот егоизам затоа што паркираните, неподвижни христијани се егоистични. Гледаат само на самите себе, не знаат да ја подигнат главата за да гледаат во Него. Нека Господ ни ја даде оваа милост“, рече на крајот од својата проповед Светиот Отец.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк