Папа Лав XIV. Нашата кршливост и грешки не го спречуваат Бога да нè сака

Папа Лав XIV. Нашата кршливост и грешки не го спречуваат Бога да нè сака

Во своето пладневно обраќање на празникот Посветување на Латеранската базилика, Папата повика да ја прошириме нашата перспектива од уметничкото кон духовното за подобро да го разбереме таинството на Црквата. Нејзината светост, рече тој, лежи во Божјата љубов кон „валканите раце на луѓето“, но исполнети со неговото присуство.

Папата Лав XIV во недела, 9 ноември 2025 година, во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов пред 35.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар, се осврна на празникот на посветувањето на Латеранската базилика. Во римската катедрала, размислуваме за таинството на единството и заедништвото со Црквата во Рим, која е повикана да биде мајка која нежно се грижи за верата и одот на христијаните низ целиот свет – нагласи Светиот Отец и додаде:

Толку многу пати кршливоста и грешките на христијаните, заедно со многу стереотипи и предрасуди, нè спречуваат да го спознаеме богатството на Црквата. Нејзината светост, всушност, не се темели на нашите заслуги, туку на дарот Господов, кој тој никогаш не го повлекува, туку продолжува со парадоксална љубов да ги избира токму валканите раце на луѓето како сад на своето присуство.

Христос, вратата што нè води кон Отецот

Освен што е центар на верата доверена и чувана од апостолите и нејзиното пренесување низ историјата, Латеранската базилика е и дело од исклучителна историска, уметничка и верска вредност. Римскиот епископ особено се осврна на централниот брод на базиликата, во кој се сместени дванаесет големи статуи на апостолите, првите следбеници на Христос и сведоци на Евангелието. Ова нè охрабрува да имаме духовен поглед што ни помага да гледаме подалеку од надворешноста, со цел да препознаеме во таинството на Црквата нешто што е многу повеќе од самото место, физичкиот простор или камената градба – рече Петровиот наследник и додаде:

Вистинското светилиште Божјо е мртвиот и воскреснат Христос. Тој е единствениот посредник на спасението, единствениот Откупител, оној кој – поврзувајќи се со нашето човештво и преобразувајќи нè со својата љубов – ја претставува вратата што широко ни се отвора и нè води кон Отецот.

Живи камења

Обединети со Христос, христијаните стануваат живи камења, повикани да сведочат и да го навестуваат словото на животот:

Ние сме Црквата Христова, неговото тело и членови повикани да го шират неговото евангелие на милосрдие, утеха и мир низ целиот свет, преку духовно богослужение кое треба да свети пред сè во нашето сведоштво за животот.

Затоа, да одиме во радост затоа што сме свет народ избран од Бога, и да ја повикаме Марија, Мајката на Црквата, да ни помогне да го примиме Христа и да нè следи со своето застапување – заклучи папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот