Папата Лав XIV: Мора да се најде друго решение за Газа

Папата Лав XIV: Мора да се најде друго решение за Газа

Газа, меѓународни тензии и стравувања од ескалација во Европа беа темите за кои папата Лав XIV зборуваше во вторник вечерта, 16 септември 2025 година додека ја напушташе резиденцијата во Кастел Гандолфо – во која пристигна доцна вчера попладне – за да се врати во Ватикан. Пред заминувањето, Папата застана да разговара со новинарите, како што правеше и во други прилики.

Папата Лав XIV ја напушти Вилата Барберини во Кастел Гандолфо. Пред да влезе во автомобилот, на веќе речиси вообичаен начин, Светиот Отец со насмевка ги поздрави новинарите од различни весници, телевизиски и радио станици и одговори на неколку прашања.

Загриженост за луѓето во Газа

Во врска со егзодусот од Газа, еден новинар праша: „Дали видовте колкумина бегаат…?“ Папата потврди дека разговарал по телефон со заедницата во Газа и со парохот и ги објаснил своите стравувања. „Многумина – рече тој – немаат каде да одат, и тоа е загрижувачко. Разговарав и со нашите луѓе таму, со парохот. Засега тие сакаат да останат; тие сè уште се противат, но навистина мора да се најде друго решение“ – нагласи Папата.

„НАТО не започна никаква војна“

На прашање за изјавите на Кремљ за војната на НАТО со Русија, Папата нагласи дека НАТО не започнал никаква војна. „Полјаците се загрижени бидејќи чувствуваат дека нивниот воздушен простор е нападнат; ситуацијата е многу напната – рече тој – постои голема загриженост“.

Честитки од верниците

Пред заминувањето со автомобилот, се слушнаа бројни извици „Среќен роденден“ и „Среќен именден“, кој Папата го слави на 17 септември, на празникот на свети Роберт Белармин. Извиците беа придружени со букети цвеќе и честитка од група полски верници.

Завршеток на денот

Папата Лав XIV со тоа заврши уште еден интензивен ден во кој темите за мирот, силата на молитвата, но и вознемиреноста од војната преовладуваа и на првата средба утрово со Карекин II, католикос на сите Ерменци, и за време на телефонскиот разговор со парохискиот свештеник на Светото семејство во Газа, отец Габриел Романели.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот