Поздравувајќи го мноштвото народ на плоштадот „Свети Петар“ по Светата Литургија за канонизацијата на Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис, Папата ги спомена земјите кои страдаат од војна и ги повика оние што се на власт да го слушаат „гласот на совеста“, бидејќи „Бог ги поддржува оние кои се стремат да излезат од спиралата на омразата и да тргнат по патот на дијалогот“. Тој се осврна и на вчерашните беатификации во Естонија и Унгарија на Усусовецот Едуард Профитлих и младата Марија Магдалена Бода.
Апел до сите владетели да ја слушаат својата совест, секогаш имајќи на ум дека Бог „сака мир“. На крајот од Светата Литургија со обредот на канонизација на новите светци Пјер Џорџо Фрасати и Карло Акутис, во недела, 7 септември, Папата Лав XIV потсети на крвта што се пролева во земјите зафатени со конфликти, споменувајќи ги посебно Украина и Светата Земја, за кои ги довери молитвите за мир на застапништвото на новите светци и Пресвета Богородица.
До оние што се на власт, повторувам: послушајте го гласот на совеста! Очигледните победи постигнати со оружје, со сеење смрт и уништување, всушност се порази и никогаш не носат вистински мир и безбедност. Бог сака мир! Бог ги поддржува оние кои се спротивставуваат на омразата и тргнуваат по патот на дијалогот.
Истакнувајќи го расположението што ја придружуваше денешната канонизација, Папата потсети дека вчера, 6 септември, Црквата беше збогатена со уште двајца блажени, двајцата маченици и храбри сведоци на убавината на Евангелието. Тоа се Исусовецот надбискупот Едуард Профитлих, убиен во 1942 година за време на прогонството на Црквата од страна на советскиот режим, кој беше беатифициран во Талин, и Марија Магдалена Бода, млада мирјанка, убиена во 1945 година поради отпор кон војниците кои сакаа да ја обесчестат, која беше беатифицирана во Веспрем, Унгарија.
Ватикан њуз/к.мк