На аеродромот видов едно прекрасно мало девојче, од околу 14 години, кое не седеше во истиот ред каде што беше остатокот од нејзиното семејство. Родителите и братот се обидуваа да ја вклучат во нивните активности и разговори, но таа беше во нејзиниот мал свет и не сакаше да учествува. Седеше со часови и го гледаше нејзиниот телефон со насмевка на лицето и со слушалките во уши.
Технологијата ја убива семејната комуникација
Кога родителите гледаат насмевка на лицето на 14-годишно девојче, многумина би помислиле дека е окупирана со нешто убаво. Но, јас видов пропуштена можност да се поврзе со нејзиното семејство, бидејќи живееше во дигиталниот, наместо во реалниот свет.
Ваквата сцена не е невообичаена. Младите луѓе од целиот свет сѐ повеќе се одвојуваат од семејството и реалноста. Како се случува тоа? Дали родителите треба да го прифатат тоа, само затоа што тоа е дел од современата култура? Како родителите можат да ги подготват своите деца да не паднат во замките на технологијата, која демнее да го превземе времето и вниманието на децата?
Опасностите од технологијата и нивните решенија
Следуваат шестте најчести опасности од технологијата со кои се среќаваат семејствата и нивните решенија (наведени по случаен редослед):
- Опасност: Дигиталните уреди се користат како играчки и забава, кога нема ништо друго да се прави
Возрасните и децата честопати паѓаат во стапица да станат зависници од дигиталните уреди, кога немаат што да прават. Во слободното време, луѓето сакаат да се “изгубат” во светот на уредите, наместо да користат социјални вештини.
Паметно решение:
Подобрете го семејното време и врски со тоа што ќе гледате на уреди како на алатки, а не на играчки. Кога родителите ќе постават пример, децата ќе го сторат истото. Класификацијата на уредот како алатка создава чувство на сопственост и моќ. Ова ни овозможува да владееме со уредите, наместо тие да владеат со нас. Создадете “семеен стандард” кој опишува како и кога уредите ќе се користат.
- Опасност: Децата имаат свои дигитални уреди
Уредите често во главата на децата создаваат вид на слобода. Тоа е нездрава слобода. Бидејќи дигиталните уреди се алатки, тие треба да се третираат исто како што би ја третирале електричната пила. Родителите често ми зборуваат за зависноста на нивните деца од социјалните медиуми и уредите и изразуваат загриженост дека на децата не можат да им го одземат уредот, затоа што тој ним им припаѓа.
Паметно решение:
Одлучете кое ниво на независност му е потребно на детето за да користи дигитален уред, а потоа дозволете им на децата само да ги користат уредите, наместо да ги поседуваат. Ако децата веќе мислат дека ги поседуваат, погрижете се децата да знаат дека вие, како родител, можете во секое време да кажете “не” за користење на тој уред.
- Опасност: Верувате дека детето никогаш нема да стане премногу приврзано со уредот или дека нема да се сретне со несоодветна содржина
Без оглед на тоа колку добро се однесуваат децата или колку се добри, секогаш постои ризик дека тие ќе се сретнат или ќе станат зависни од несоодветни медиуми. Ова е случај и со најдобрите деца.
Паметно решение:
Никогаш не им дозволувајте на децата да имаат дигитален уред во нивната соба, особено ноќе. Најнепримерните активности кон технологијата се случуваат кога луѓето се сами со своите уреди. Воведете правило дека дигиталните уреди никогаш не остануваат во собата за спиење и дека треба да бидат под родителска контрола во текот на ноќта.
- Опасност: Да им дозволите на децата да користат дигитални уреди кога сакаат
Ако децата немаат никакви ограничувања, лесно се јавува опсесија, која технологијата ја создава со одвраќање или стимулација.
Паметно решение:
Поставете временски ограничувања и научете ги децата дека дури и кога сте им ветиле време за медиумите, секогаш можете да кажете “не”.
- Опасност: Да им дозволите на децата да постават лозинки и заштита на уредите
Иако ова звучи прикладно, на родителите им отежнува да ги заштитат своите деца. Ова им овозможува на децата да користат компјутерите и уредите во секое време – без знаење на нивните родители.
Паметно решение:
Родителите мора да ги контролираат логирањата и да ги користат временските ограничувања и мерки за заштита. Инсталирајте филтри (дури и на мобилните телефони) и редовно пристапувајте до извештаите за користење. Останете во иста просторија со вашето дете кога ги користите уредите. Така ќе формира доживотна навика да се прегледуваат само работите што може да се гледаат и во друштво.
- Опасност: Ретко се зборува за опасностите од медиумите и несоодветната употреба
Иако може да биде малку непријатно, родителите треба да зборуваат за порнографијата со своите деца, како и за зависностите од игрите или други медиуми.
Паметно решение:
Секоја седмица одржувајте средби родител/дете за да разговарате за зависноста од медиумите, плановите за делување, ограничувањата и за чувствата на моќ над уредите. Исто така, зборувајте за други теми како што се односите, личните однесувања, желбите, пријателите и училиштето. Кога родителите ќе одвојат 15 до 30 минути неделно за да разговараат со своите деца, на проблемите ќе им се пристапува пред да станат премногу големи. Овие дискусии помагаат за зајакнување на силните врски, кои ќе создадат доживотна добра комуникација и разбирање помеѓу родителите и децата.
Жена врсна/к.мк/Кате М.