Отворена Година на семејството во Скопска бискупија
На празникот Свето Семејство, во недела 29 декември во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово свечено беше отворена Годината на семејството за Скопската бискупија. Н.В.П. д-р Киро Стојанов ја предводеше свечената света Миса, упатувајќи порака до црквата по повод Годината на семејството. Тој во својата хомилија нагласи дека Светото Семејство е најдобар пример за тоа како сè што е земско може да се прифати како дар од Божјите раце, па така во оваа Година семејствата ќе другаруваат со Марија и Јосиф, учејќи од нивниот пример за совршено функционирање на семејството. Бискупот Стојанов кажа дека поттикот за прогласувањето на оваа година за Година на семејството доаѓа од повикот на Папата Фрањо за вонредна епископска синода која треба да се одржи во октомври 2014 година.
Во Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат веќе е изработена програма за активности со кои ќе се реализира целта на оваа Година, а тоа е поблиско запознавање и разбирање на духовните потреби на семејствата во парохиите. Планирани се поклоненија, бденија и катехези преку кои ќе се истакне значењето на светата Тајна брак како институција создадена и дадена на човекот од Бога.
Е.Абјаниќ