Христијанскиот живот е „љубовна приказна со Бог.“ Затоа наместо да седиме во „фотелата за бодивка и задоволства“, потребно е да одговориме на Божјиот повик за свадбената гозба, како што тоа го направиле 35-те нови светци, кои папата Фрањо ги канонизира во недела 15 октомври 2017 година за време на светата Литургија на плоштадот Свети Петар.
Меѓу новите светци се маченици убиени во Бразил: епархиските свештеници Андреја де Соверал и Амрохио Франческо Феро, лаикот Матео Мореира и 27 другари; потоа младите маченици од Мексико Кристофоро, Антонио и Џовани; свештеникот од Шпанија Фаустино Мигез, и фрањевскиот капуцин од Италија Анџело од Акри.
Светиот Отец потсети дека Господ сака со секоја личност поединечно да слави свадбена гозба. Тој со нас сака однос како оној на свршеник и свршеница, и не се задоволува со тоа само да ја извршуваме својата должност или да ги следиме неговите закони. Папата од таа причина нè повикува да размислуваме за следното: Ми текнува ли барем еден пат дневно да кажам „те љубам Господи“?
Имено, кога љубовта еднаш се загуби – продолжи Папата – христијанскиот живот станува празен, тело без душа, невозможна етика, збир на правила и закони кои треба да ги следиме без некоја вистинска приказна. Опасноста за христијанскиот живот е рутина без воодушевување. Наместо тоа, потребно е да се потпреме на споменот на првата љубов.
Денешниот евангелски дел, предупредува дека е можно да се одбие Божјиот повик – истакна папата Фрањо – многу поканети кажале „не“ затоа што си имале свои сопствени работи. Тие не го одбиле повикот од злоба, туку им било помило она што е нивно: нивните сигурности, нивното самопотврдување, нивната удобност…
Се сместуваме во фотелјата на добивката, задоволството или хобито која ни донесува малку радост – продолжи Светиот Отец – но, тоа старее брзо и лошо, бидејќи се стари одвнатре: кога срцето не се шири, се затвора. Кога сè зависи од нас, од она што ни се допаѓа или што ни служи, стануваме „крути и зли“. Тогаш кон другите се однесуваме на начин како што поканетите од денешното Евангелие се однесувале со слугите: срамно, а на крајот ги убиле, и тоа затоа што им пречеле.
Затоа Евангелието нè прашува на чија страна сме: на страната на „јас“ или на Божјата страна? Бог е спротивност од себичноста: соочен со одбивањето, тој не ја затвора вратата, а на неправдите одговара со уште поголема љубов. Накратко, иако го боли нашето „не“, се обидува одново. И додека ние, кога нас нè повредуваат неправдите или отфрлањата, знаеме да негуваме негодување и гнев, Бог од своја страна продолжува да прави добро дури и на оние кои прават зло, бидејќи само на тој начин може да се победи злото. Според тоа, упатен ни е повик да се однесуваме како Бог, да живееме во согласност со вистинската љубов, надминувајќи ги хировите на нашето зајадливо и мрзливо „јас.“
Папата рече дека денешната парабола зборува и за свадбената облека на поканетите која е задолжителна. Не е доволно еднаш да се одговори на Божјиот повик, да кажеме „да“ и повеќе да не правиме ништо друго, туку потребна е навика за секојдневно живеење на љубовта. Денешните светци, а посебно многу маченици, ни го покажуваат патот. Тие не кажеле минливо „да“ на љубовта, туку со целиот свој живот зборувале „да“ и тоа до самиот крај. Облеката која секојдневно ја носеле била Исусовата љубов, „луда“ љубов која нас нè љуби до крај, нудејќи ни ја својата облека и прошката на оние кои го распнале.
Папата на крајот поттикна од Господ да побараме милост секојдневно да одлучуваме да се облекуваме во белата облека, свадбената облека која сме ја примиле на крштението, и да ја одржуваме беспрекорна. А за да ја славиме со Господ свадбената гозба на љубовта – заврши Светиот Отец – првиот и одлучен чекор е да му пристапиме на Господ без страв за да ја примиме неговата прошка.
РВ/к.мк