Од проповедта на Папата: Бог секогаш предничи во љубовта

Бог секогаш презема водство во љубовта – истакна папата Фрањо во хомилијата на светата Литургија на 8 јануари во домот Света Марта, прва во новата година. Папата нагласи дека христијанската љубов се гледа во конкретни дела, а не само во зборовите и рече дека за познавање на Бог не е доволен само разумот, туку дека е неопходна љубов.

Во овие денови после Божиќ – рече Светиот Отец – клучен збор во Литургијата е „објавување“. Исус се објави: на празникот Богојавление, на крштението и на свадбата во Кана. Но, како можеме да Го запознаеме Бог? – праша Папата и истакна дека tokmu тоа прашање е темата од која апостол Иван поаѓа во читањето на денешното послание. За познавање на Бог, нашиот памет, нашиот разум не е доволен, туку Бог се спознава „во потполност преку средбата со Него, а за средба разумот не е доволен“; потребно е нешто повеќе: љубов.

Бог е љубов и само на патот на љубовта можеш да го запознаеш Бог – reöe Светиот Отец. Таа е разумна љубов; љубов во придружба на разумот, но сеедно љубов е. Меѓутоа како можам да сакам нешто што сеуште не го познавам? – праша Папата и одговори: љуби го ближниот; тоа е науката на двојната заповед: најважна е љубовта кон Бог, бидејќи Он е љубов. Но, на второ место е љубовта кон ближниот. Преку љубовта кон ближниот го запознаваме Бог Кој е љубов – смета папата Фрањо.

Кој љуби го познава Бог; кој не љуби не го запознал Бог, бидејќи Бог е љубов – потсети Папата и веднаш објасни: Не се работи за љубов од некоја сапуница, туку за солидна, силна, вечна љубов која се објавува во Синот, Кој дојде да нè спаси. Тоа е конкретна љубов: љубов во дела, а не само во зборови. За Бог да се познава потребен е цел еден живот – продолжи папата Фрањо – тоа е одење, пат на љубовта, запознавање, љубов кон ближниот, љубов кон оние кои нè мразат; кон сите – заклучи Светиот Отец.

Во личноста на Исус можеме да ја разгледуваме Божјата љубов и следејќи го неговиот пример, да стигнеме чекор по чекор до познавањето на Бог Кој е љубов. Божјата љубов нè престигнува; нè сака пред да почнеме да бараме. Божјата љубов е како цветот на бадем – првиот кој процветува во пролет, рече Папата, додавајќи дека кога се приближуваме на Бог во делата на љубовта, молитвата, причеста, во Неговите зборови, пронаоѓаме дека Он веќе е таму: нè чека, така нè љуби.

Во денешниот евангелски дел Исус чудесно го храни мноштвото, бидејќи се смислувал, бидејќи народот бил „како овци без пастир“. Заради тоа Исус ги поучува, а народот слуша. На Исусовото упаство да го нахранат мноштвото, учениците помалку се нервозни. Повторно Бог прв дошол, а учениците ништо не сфатиле – рече Папата. Таква е Божјата љубов: секогаш нè чека и секогаш нè изненадува. Бог е Отец Кој нè сака и секогаш е подготвен да ни прости. Не само еднаш, туку седум пати по седумдесет – тоа е секогаш! Нека Господ во овие денови во кои Црквата нè потсетува на Божјото објавување ни подели милост да Го запознаеме на патот на љубовта – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот