Канцеларијата за Богослужби на Папата го објави распоредот за славењата во 2019 за Великата седмица
Канцеларијата за Богослужби при Светиот Престол го објави распоредот на Светиот Отец за славењата во 2019 за Великата седмица, која ќе започне на 14 април на Цветници, односно Недела на Маката Господова. Таа недела на епископско ниво, се слави и XXII Светски ден на млади на тема: Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите Твои (Лука 1,38). Папата Фрањо во 10.00 часот на плоштадот Свети Петар ќе ја предводи светата Миса, а пред тоа, по обичај, ќе ги благослови палмовите и маслиновите гранки.
На Велики Четврток Папата во ватиканската базилика, во 9.30 минути ќе ја предводи светата Миса со посвета на миро заедно со патријарсите, кардиналите, надбискупите, бискупите и свештениците присутни во Рим. На Велики Петок, 19 април во базиликата Свети Петар во 17.00 часот ќе се одржи обредот Мака Господова. Папата Фрањо ќе ја предводи Службата на Словото, поклонувањето на крстот и обредот Причест. Истиот ден вечерта, со почеток во 21.15 часот, во римскиот Колосеум ќе започне побожноста Крстен пат, а на крајот Светиот Отец ќе се обрати до верниците и ќе го подели својот апостолски благослов.
На Велика Сабота, 20 април, во 20.30 часот ќе започне воскресното бдение при кое Светиот Отец ќе ја предводи Службата на Словото, Литургијата на Крштение и Евхаристијата. Пред тоа во предворјето на базиликата Свети Петар ќе го благослови огнот и со повикот Exsultet, во процесија ќе влезе во базиликата. На Воскресение Господов, 21 април, на плоштадот Свети Петар ќе служи света Миса со почеток во 10.00 часот, а после тоа од централната ложа на базиликата папата Фрањо ќе го подели благословот Urbi et Orbi – На градот и светот.
Ватикан њуз/к.мк