Објавен распоредот за литургиските славења на Папата

Објавен распоредот за литургиските славења на Папата

Апостолско патување во Чиле и Перу од 15-22 јануари 2018 година, Миса на 2 ноември на американските гробишта во Нетун и Миса во базиликата Свети Петар за првиот Светски ден на сиромашните, 19 ноември – се само некои од настаните, кои се наоѓаат на програмата на папата Фрањо за ноември и декември оваа година и за јануари следната година, а се потврдени во календарот за славења кои ги предводи папата Фрањо, објавени од Канцеларијата за литургиски славења.

На 2 ноември 2017 година во Нетун, недалеку од Рим, Папата ќе слави света Литургија во спомен на сите покојни верници, а на 3 ноември во ватиканската базилика Свети Петар ќе служи света задушна Литургија за кардиналите и бискупите кои починаа оваа година. За 19 ноември е предвидена света Литургија по повод Светскиот ден на сиромашни, прогласен на крајот од Јубилејот на милосрдието, а една седмица покасно, во недела 26 ноември Папата ќе се упати на Апостолско патување во Мјанмар и Бангладеш.

На празникот Безгрешно зачнување на Блажена Девица Марија, 8 декември 2017 година папата Фрањо, според обичајот, ќе појде на Шпанскиот плоштад и ќе се поклони на Богородица, а на 12 декември како и секоја година од почетокот на Папството, во базиликата Свети Петар ќе слави Литургија на празникот Богородица од Гвадалупе, заштитничка на Америка. Во ватиканската базилика исто така ќе ги предводи сите божиќни славења, од полноќната Миса на 24 декември во 21.30 часот, до Богојавление во сабота 6 јануaри.

Ден потоа, во недела 7 јануари папата Фрањо во Сикстинската капела ќе го предводи литургиското славење за празникот Крштение Господово, на кое ќе крсти неколку деца. Месецот јануари папата Фрањо ќе го заврши со Апостолска посета на Чиле и Перу.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот