Треба итна акција за да се гарантира ефикасна потрага и спасување на море и евакуација од Либија на сите луѓе кои се обидуваат да побегнат; само така ќе спречиме нови жртви.
После бродолом кој се случи на 25 јули во либиските територијални води и предизвика најмалку 70 загинати и 100 исчезнати, тимови на „Лекари без граници“ помогнаа на преживеаните во пристаништето Кхомс, во Либија. Страшната вест за тоа потонување, по којзнае кој пат, ја покажува многу високата човечка цена на моменталната ситуација во Либија и недостатокот на соодветни средства за барање и спасување во централниот дел на Медитеранот – рече Јулиен Рајкман, водител на мисијата „Лекари без граници“ во Либија.
Според сведочењето на преживеаните, има повеќе од 100 исчезнати во морето, од кои многумина можеби се удавија – рече Рајкман и истакна – Тимови на „Лекари без граници“ пружија медицинска помош на две групи на преживеани, група од 82 и група од 53 лица. Пруживме прва помош и ги стабилизиравме најитните случаи, како и 7 лица префрливме во болница поради спасување на животот. Пациентите се во состојба на шок и имаат симптоми на давење како што се хипоксија и хипотермија.
Треба итна акција за да се гарантира ефикасна потрага и спасување на море и евакуација од Либија на сите луѓе кои се обидуваат да побегнат; само така ќе спречиме нови жртви – рече Рајкман и продолжи – Пред два дена (24 јули 2019 година), 38 лица на море ги пресретна либиската крајбрежна стража и ги врати во притворниот центар во Тајури, истиот оној кој пред три недели беше нападнат со воздушно бомбардирање во кое загинаа 60 и беа ранети 70 лица.
Беше тоа трагедија која можеше да се избегне. Сега сме крајно загрижени за преживеаните во овој бродолом. Не можат да бидат повторно затворени во притворните центри каде нивните животи се во опасност – рече Рајкман и додаде – тоа го истакнаа агенциите на Обединетите нации и други невладини организации, заедно со европските лидери кои се придружија на апелот на „Лекари без граници“ за итна евакуација на тие и сите останати бегалци и мигранти кои се заробени во притворните центри во Либија. (…)
Центарот Астали кој го водат италијанските исусовци, исто така бара од националните и наднационалните установи веднаш да воспостават барање и спасување на море; да активираат план за евакуација на мигрантите од Либија, каде нивниот живот е во опасност поради насилство и злоупотреба кои се секојдневна пракса; да осигураат законски патишта за влез во Европа за мигрантите кои се сега присилени да прибегнуваат кон трговците со луѓе, во недостаток на сигурни и законски уредени патишта; да отвораат хуманитарни канали за оние кои бегаат од војни, прогонства и крајно сиромаштво, па имаат право да бараат заштита и прифаќање во Европа – рече за Радио Ватикан отец Рипамонти, претседател на Центарот Астали. (…)
Заедно со многу други реалности многупати ја нагласувавме потребата од создавање на законски патишта – рече отец Рипамонти и напомена – Високиот претставник на Обединетите нации за бегалци Филипо Гранди секогаш се залагаше за тој пат, препознавајќи ги лицата кои треба да се испратат во различни земји. Во овој момент, особено поради либиската ситуација, потребно е да се евакуираат оние во притворните центри кои, како што видовме повеќе пати, не се на сигурно бидејќи постои опасност и од бомбардирање на тие центри. Значи, важни се два патишта: евакуација и создавање на законски влез во поедини земји на Европа.
Друго што во последно време се покажа како потребно се хуманитарни канали со помош на Заедницата на свети Егидиј, евангелистичките Цркви и Каритас – рече отец Рипамонти и забележа – Тоа често беше важен пат за влез во Европа и сигурност за многу ранливи луѓе. Тоа е уште еден пат кој не смее да се напушти. Верувам дека трговијата со луѓе на Медитеранот ќе продолжи, бидејќи задните економски интереси продолжуваат независно од фактот што се отвораат и законски патишта. Но тоа нè не ослободува од спасувањето на луѓе на море и спротивставувањето на миграцијата која е во рацете на трговците со луѓе и која веројатно нема да се намали.
Организацијата „Save the Children“ го смета за потполно неприфатливо Европа да остане неподвижна пред трагедијата која и понатаму се случува на нејзиниот праг. Според последните достапни проценки, во првите 5 месеци од оваа година, едно лице од 14 кои се обидувале да побегнат преку Медитеранот, го изгубиле животот и во тие случаи децата се најранливи. Додека безбедносната ситуација во Либија се влошува од ден во ден, бегалците и мигрантите имаат малку можности: или да останат заробени во земјата или да бегаат преку Медитеранот, или нигериската пустина. Меѓу нив има многу малолетници, тинејџери, а понекогаш тоа се малку поголеми деца кои често патуваат сами.
Според мислењето на организацијата „Save the Children“, спасувањето на човечки животи мора да биде главна грижа на државите членки на Европската унија. Исто така од клучна важност е меѓународната заедница, на прво место Европа, да ги умножат напорите за создавање на сигурни пристапни патишта од кризните или транзитни подрачја, за да се спречи десетици илјади луѓе и понатаму да бидат присилени да се потпираат на трговците со луѓе, сериозно да ги загрозуваат своите животи, за да го преминале Средоземното море, како што за жал по којзнае кој пат се покажа и сега.
Ватикан њуз/к.мк