Документот е плод на тригодишна работа на Комисијата, а по одобрувањето од Светиот Отец документот е објавен на 3 мај 2018 година
Меѓународната теолошка комисија го објави новиот документ со наслов „Синодалноста во животот и посланието на Црквата“. Синодалноста е одговорност и автономност на поедини бискупски конференции, а станува збор за тема која е при срце на папата Фрањо.
Синодалноста како конститутивна димензија на Црквата претставува пат кој постојано треба да се обновува и оживува како би се поттикнувал мисионерскиот ангажман кој го вклучува целиот Божји народ. Во текстот се напоменува дека синодалноста се гледа преку активното учество на сите членови на Црквата и при тоа се истакнува важноста од учеството на верниците лаици.
За важноста на лаиците
Лаиците се големото мнозинство на Божјиот народ и може многу да се научи од нивното учество во различните предизвици од животот на Црквата – стои во документот во кој понатаму се напоменува дека е неопходно од нив да се побара совет при започнувањето на процеси за одлучување во рамките на синодалните структури. Од таа причина потребно е да се надминат пречките во недостатокот од формација и препознатливи простори во кои лаиците може да се изразат и во кои можат да делуваат, како и пречките кои се во облик на клерикален менталитет кој претставува ризик да се чуваат на перифериите од црковниот живот.
Освен целта да се продлабочи теолошкото значење на синодалноста, посебно во светло на науката на Вториот ватикански собор, документот донесува и некои важни пасторални насоки.
За Меѓународната теолошка комисија
Папата Павле VI на 11 април 1969 година ја формира Меѓународната теолошка комисија во рамки на Конгрегацијата за наука на верата. Задачата на комисијата е да помага на Светиот Престол и пред сѐ на Конгрегацијата за наука на верата во испитувањето на доктринарни прашања од голема важност. Комисијата ја сочинуваат теолози од разни школи и народности, истакнати во своето звање и верност кон науката на Црквата. Комисијата се собира на пленарно заседание барем еднаш годишно, но нејзнината работа се остварува и во поткомисии. Резултатите на студиската работа се претставуваат на Светиот Отец и му ги доверуваат за соодветна употреба на Конгрегацијата за наука на верата.
РВ/к.мк