По апсењето на неколку свештеници во Никарагва во последните денови, властите протераа седум од нив во Рим.
Во четвртокот во Рим пристигнаа свештениците Виктор Годој, Хаиро Правија, Силвио Ромеро, Едгар Сакаса, Харвин Торес, Улисес Вега и Марлон, а информацијата за нивното протерување ја потврди и владата на Никарагва преку соопштение. Во официјалното соопштение се наведува дека седумте свештеници од Никарагва „ја напуштиле земјата во правец на Рим, Италија“.
Протераните свештеници припаѓаат на бискупиите Матагалпа и Естели. Пред тоа, тие беа задржани во семинаријата на Пресвета Богородица Фатимска во главниот град Манагва. Според медиумите во Никарагва, меѓу протераните свештеници не е апостолскиот администратор на епархијата Естели, отец Фрутос Вале, кој беше уапсен на 26 јули.
Ова е веќе петти бран на протерување на групи свештеници од Никарагва. Пред тоа, свештениците беа протерани во октомври 2022 и февруари 2023 година во Соединетите американски држави и во октомври 2023 година и јануари 2024 година во Рим. Заедно со групите свештеници, беа протерани двајца бискупи, Роландо Алварез и Исидоро Мора.
Поранешниот амбасадор на Никарагва во Организацијата на американските држави Артуро Мекфилдс Јескас во средата потврди дека режимот на Даниел Ортега наредил и протерување на бразилската амбасадорка во Никарагва, Брена де Соуза Бразил Диас да Коста. Причина за тоа може да биде фактот што амбасадорот не учествувал на прославата на 45-годишнината од револуцијата на Сандинистите на 19 јули, на која беше поканет.
Во четвртокот, бразилската влада одлучи да ја протера амбасадорката на Никарагва, Фулвија Кастро, како контрамерка.
Ватикан њуз/к.мк