Надбискупот Генсвајн: Бенедикт XVI е сигурен во својата одлука, живее монашки, се моли и го свири Моцарт
Бенедикт XVI е уверен дека неговата одлука беше исправна. Не се сомнева за неа. Потполно е мирен и сигурен дека таа одлука беше неопходна, а ја донесе „откако повеќе пати ја преиспитуваше својата совест пред Господ“ свесен за сѐ послабите телесни и духовни сили, како и дека не смее да гледа на своето, туку на доброто на Црквата – изјави во ексклузивен разговор за италијанскиот дневен весник Corriere della sera префектот на Папскиот дом и секретар на почесниот папа надбискупот Георг Генсвајн, по повод втората годишнина од повлекувањето од папската служба на Бенедикт XVI.
И две години по повлекувањето на папата, има многумина кои и ги преиспитуваат мотивите за неговата одлука, уверени дека зад неа се крие „нешто повеќе“. Извор за вакви размислувања и сомнежи папскиот секретар гледа во недостатокот на „чувството на црковност“, а на оние кои и понатаму го доведуваат во прашање повлекувањето на Бенедикт јасно им одговара:
– Причините се изречени во неговата изјава. Сите останати размислувања и хипотези се погрешни! Хипотезите не можат да се темелат на невистини и бесмислици. Самиот Бенедикт рече дека одлуката ја донесе слободно, без никаков притисок и ја потврди „преданоста и послушноста“ на новиот Папа.
Во чинот на одрекнување надбискупот Генсвајн гледа „величествен чин на управување со Црквата“ на која и е потребен силен кормилар.
Иако повремено има проблеми со нозете, „неговата глава работи беспрекорно“ вели монсињор Генсвајн одговарајќи на прашањето за здравјето на почесниот Папа. За тоа, покрај секојдневната света Литургија, часословот, бројаницата во ватиканските градини, молитвата и студирањето, сигурно заслужен е и Моцарт од кого ни во 88 година од животот не се одвојува. Многу клавирски дела на својот најмил композитор и денес ги свири напамет.
Би можело да се рече дека живее вистински монашки живот – токму како вистински син на свети Бенедикт, таткото на западното монаштво, чие име го зеде.
– Се појавува само по покана на папата Фрањо и не прифаќа други покани. Се однесува како што одлучи: „го избрав овој живот и морам да бидам доследен на својата одлука“, вели надбискупот Генсвајн кој уште од 2003 година е секретар на Ратцингер.
На крајот, на прашањето што е заедничко на двајцата толку различни папи, секретарот Генсвајн одговара:
– Различни се, понекогаш и многу различни, нивните начини на изразување, меѓутоа ги поврзува суштината, содржината на верата која се повикани да ја навестуваат и да ја бранат.
Битно нет/С.С.