Ватиканскиот секретар за односи со држави и меѓународни организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на Иран за да се избегне понатамошна ескалација на Блискиот Исток.
Министерот за надворешни работи на Исламската Република Иран, Хосеин Амир-Абдолахијан, побара телефонски разговор со секретарот за односи со држави и меѓународни организации на Ватикан, надбискупот Пол Ричард Галагер.
Канцеларијата на Светиот Престол во понеделникот, 30 октомври 2023 година, соопшти дека телефонскиот разговор се случил во понеделник наутро.
За време на разговорот, според соопштението, надбискупот Галагер ја изразил сериозната загриженост на Светиот Престол за она што се случува во Израел и Палестина, повторувајќи ја апсолутната неопходност да се избегне понатамошна ескалација на конфликтот и да се постигне решение за стабилен и траен мир на Блискиот Исток.
Апел на Папата на молитвата Ангел Господов
Во неделата, 29 октомври, на молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар во Ватикан, Светиот Отец апелираше за прекин на огнот и за создавање простор за хуманитарна помош во областа Газа, каде состојбата постојано се влошува. од час во час и побара за ослободување на заложниците. „Никој да не се откаже од можноста за запирање на оружјето. Нека престане вооружениот конфликт! Престанете, браќа и сестри! Војната е секогаш пораз, секогаш!“, рече папата Фрањо од прозорецот на Апостолската палата.
Телефонски разговори со Ердоган и Бајден
Во четвртокот, на 26 октомври, папата Фрањо имаше телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во кој ја изрази својата тага поради случувањата. Папата потсети и на ставот на Светиот Престол, надевајќи се дека може да се постигне решение за двете држави и посебен статут за градот Ерусалим.
Претходно во неделата, 22 октомври, Светиот Отец имаше телефонски разговор со претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден: во фокусот на разговорот беа конфликтните ситуации во светот и потребата да се најдат патишта за мир.
Ватикан њуз/к.мк