Можноста да му се оддаде почит на почесниот папа Бенедикт XVI е до денес, среда 4 јануари 2023 година до 19.00 часот, а погребот е во четврток на плоштадот Свети Петар. Светата Литургија ќе ја предводи папата Фрањо.
Илјадници верници и на вториот ден повторно чекаа во ред пред базиликата Свети Петар за да му оддадат почит на почесниот папа Јозеф Рацингер. Поклониците влегуваа во базиликата преку различните порти обезбедувани од полицијата.
Досега 100.000 луѓе ја посетиле ватиканската базилика за да се збогуваат со папата Рацинтер, соопшти прес-службата на Ватикан. Телото ќе биде изложено до 4 јануари за верниците да му оддадат почит и да се помолат за покојниот почесен папа Бенедикт XVI, кој е изложен пред олтарот Confessio, исто како што беше за време на погребот на Иван Павле II.
Во близина на изложеното тело на покојниот Папа се присутни кардиналот Мајкл Харви, архипрезвитер на базиликата Свети Павле надвор од градските ѕидини и некои монахињи кои тивко молат Бројаницата. На пристигнатите ходочасници со топли зборови им се обрати кардиналот Мауро Гамбети, бискуп од базиликата Свети Петар.
Во меѓувреме, сочувства продолжуваат да пристигнуваат од сите страни на светот, изразувајќи близина и молитва за смртта на папата Рацингер, која беше водечка вест на сите вести и весници на планетата. По волја на самиот почесен Папа, погребот ќе се карактеризира со „едноставност“ и „умереност“, но во секој случај ќе одговара на свеченост за еден Папа.
Две официјални делегации на погребот, пристигнуваат потврди од шефови на држави
По желба на самиот папа Бенедикт XVI, две официјални делегации ќе бидат присутни на погребот, кој ќе го предводи папата Фрањо на 5 јануари, во 9.30 часот на плоштадот Свети Петар. Тоа се делегацијата од Германија, родната земја на Јозеф Рацингер и од Италија, неговата втора татковина, како што секогаш ја нарекуваше. Затоа на плоштадот Свети Петар со соодветните делегации ќе бидат присутни претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела и претседателот на Германија Франк Валтер Штајнмаер.
Досега Канцеларијата за печат на Светиот Престол не може да потврди присуство на други шефови на држави или влади, но „ако некој дојде – рече директорот Матео Бруни, одговарајќи на прашања на новинарите – тоа ќе биде во лична функција“. Во меѓувреме, некои други шефови на држави го потврдија своето присуство на погребот: полскиот претседател Анджеј Дуда, шпанската кралица Софија, белгискиот крал Филип и кралицата Матилда, португалскиот претседател Марсело Нуно Дуарте Ребело де Соуса, унгарскиот претседател Каталин Новак.
Во вторникот околу 11.00 часот, и унгарскиот премиер Виктор Орбан му оддаде почит на почесниот папа Бенедикт XVI во ватиканската базилика. Пред телото на Јозеф Рацингер, унгарскиот премиер беше придружуван од сопругата Анико Леваи. Унгарскиот премиер можеби ќе присуствува и на погребот, но засега нема официјална потврда.
Големо присуство на германските и австриските бискупии
За погребот на почесниот папа Бенедикт XVI, повеќе германски бискупи го потврдија своето присуство. Покрај претседателот на Германската бискупска конференција, монс. Георг Батцинг, ќе присуствува и кардинал Рајнхард Маркс, надбискуп од Минхен-Фрајзинг и кардинал Рајнер Марија Волки, надбискуп од Келн, објави во официјалното соопштение за печатот Германската бискупска конференција. Ќе присуствуваат и бискупот од Регенсбург, монс. Рудолф Водерхолцер и од Пасау монс. Стефан Остер, како и почесниот надбискуп од Бамберг, монс. Лудвиг Шик и германските кардинали во Куријата. Меѓу нив е и почесниот претседател на Папскиот совет за единство на христијаните, 89-годишниот кардинал Валтер Каспер, кој го опиша Бенедикт XVI како „истакнат теолог и важен Папа“.
Во интервју за австриската католичка новинска агенција Kathpress, кардинал Каспер нагласи дека Бенедикт XVI често бил погрешно разбран во Германија, но тоа ќе се промени со текот на времето. „Како Германци можеме да бидеме горди на него“, рече кардиналот. Бенедикт сметаше дека е негова задача како Папа „да ја кажува вистината и да им дава насоки на луѓето“. Вирцбуршката бискупија ќе ја претставува помошниот епископ монс. Улрих Бум, кој како млад присуствуваше на средбите на кои тогашниот надбискуп на Минхен-Фрајзинг, монс. Јозеф Рацингер, ги одржуваше неделно со студенти од универзитетите и средните училишта. Покрај нив на погребот ќе присуствува и надбискупот од Салцбург, монс. Франц Лакнер, претседател на Австриската бискупска конференција и кардинал Кристоф Шенборн, надбискуп на Виена.
Ватикан њуз/к.мк