На Цветници бискупот Стојанов служеше во Скопската катедрала

На Цветници бискупот Стојанов служеше во Скопската катедрала

Во недела 28 март 2021 година  на празникот Цветници во Скопската катедрала светата Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. Киро Стојанов во сослужение на скопскиот парох дон Паво Шекерија и канцеларот на Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија о. Марјан Ристов.

Покрај литургиските читања за Исусовото влегување во Ерусалим денес се читаа и страданијата Господови, односно покрај Цветници, воедно е и недела на Страданијата Господови.

Пред Литургијата следуваше обредот благослов на маслиновите гранки, но заради епидемиолошките мерки, беше изоставена процесијата околу катедралата и веднаш откако беа благословени гранките започна светата Литургија.

Бискупот Стојанов во својата проповед истакна: „Сите ние сме свесни дека човечкиот живот е составен од подеми и падови, од мигови на успех и слава до оние во кои преовладува страдание и болка. Како луѓе спонтано тежнееме кон онаа првото, а го избегнувме она другото. Сепак постои една разлика помеѓу нас и Бога. Имено, Тој ја преврте маката според која се разликува успехот од неуспех, подемот од падот, славата од пропаста.

Зошто тоа? Затоа што е свесен дека човечката слава е минлива, а човечката пофалба краткотрајна. Потребата човек да прослави некого, да му се восхитува некому, да го слави и носи на рамења, честопати е плод на проекцијата на сопствените желби и потреби, но и одраз на неговата неможност сам да постигне сѐ. Затоа му требаат оние кои ќе ги набљудува како идоли преку кои ќе се радува.

Но, таквата слава е минлива. Славата и благодарноста што луѓето ги изразуваат врз основа на сопствените желби, потреби и очекувања лесно може да се претворат во опасна катастрофа. Празничната атмосфера и размислување се претежно феномен што освојуваат толпи, но токму како масовна појава не можат да остават длабоки траги, ниту пак корени.

Исус, познавајќи го темпераментот на толпата која не беше целосно формирана и додека неговите сонародници го славеа, тој се обидуваше да покаже дека тој не дојде тие да го слават, туку дека дојде нив да ги воведе во слава. Славата што требаше да ја наследат не беше плод на човечко покажување слава на Бога, туку плод на Божјото бесплатно дејствување. Славата што човекот може да му ја покаже на Бога, во суштина, треба да биде само благодарност за славните Божји дела, а не убедувањето дека ласкајќи му на Бога го навеле на дело. Исус не влегува во Ерусалим на триумфален начин за слава на човекот, туку за да ги предупреди луѓето да ја прифатат Божјата слава.

Како средство за достигнување на славата, Црквата со право го објавува Страданието Господово на Цветници. За разлика од славата, страдањето не е прашање на толпата, туку на личноста и остава многу подлабока трага од „прославите“ во кои човекот си дава воздишка, дури тоа и да се верски прослави како онаа во Ерусалим. Само преку страданието Исус ги изградил сведоците на неговото воскресение и оттука не повикува нас христијаните да не ја бараме неговата царска слава и доаѓањето на неговото Царство на наш човечки начин, туку да ја бараме поминувајќи преку страдањето на неговиот крст, што беше негова прослава на земјата и со која и нам ни овозможи влез во небото, истакна бискупот Стојанов.

За време на Литургијата пееше Катедралниот хор под диригиенство на маестро Јулија, а после светата Литургија се одржа традиционалниот саем. Помошта од саемот оди за луѓето во потреба.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот