Мојата душа го велича Господа
1. И рече Марија: „Мојата душа го велича Господа” – Нека го вoзвеличи мојата душа Господа. Да, душо моја должна си да го величаш. Еве ја целта за која си создадена од Бога. Ти си должна да го величаш Бога со својот ум, барајќи сé повеќе да го познаваш преку жива вера, верувајќи ги сите вистини кои Бог ти ги откри преку црквата. Ти си должна да го величаш со твојата љубов која треба да биде чиста и непорочна. Ти си должна да го возвеличиш со служењето на Него, готова да ја исполнуваш секогаш неговата пресвета волја. Ти си должна да го возвеличиш со своето звање кое треба да биде непрекинато служење на Господа. Впрочем нека така го возвеличи Господа мојата душа.
И мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој – Ако ти душо моја, го возвеличиш Господа со твојот ум, со тојота љубов и со твоето звање ти сама ќе се возрадуваш со истата радост која ја исполнила душата на Марија кога ги произнела тие зборови. Таква е радоста и на оние души кои се предаваат на Господ со умот, со љубовта и со служењето на Него. Нивната радост не личи на земната која има за предмет само телесни нешта, т.е. материјалниработи, туку се потпира на Бога кој е почекот и крајот на секоја радост.
Впрочем, што е мојата душа која се зарадува во Бога и кој е тој Бог? Мојата душа, спасена од Бога се зарадува во Него зашто Тој е нејзиниот Спасител.
2. Оти ја погледна смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуват сите родови. – Бог погледна на смиреноста на Марија и ја возвиши од смиреноста, во која беше како создание, ја воздигна до највисокото стопало после Господ кој ја удостои да стане мајка на Господ. Поради таа единствена и најпосебна привилегија, Марија потврдува дека ќе ја нарекуваат блажена сите народи. Таа е единствена на која Бог ѝ ја даде таа благодат која нема да ја даде на никое друго создание на земјата. Душо моја, Бог погледна и на твојата смиреност. Иако Тој не те воздигна на висината на Марија, сепак те удостои да му станеш сакана свршеница штом си се посветила целосно на Него. Зарадувај се душо моја во твојот Спасител зашто погледна на твојата смиреност и те возвиши многу. Да, припаѓајј целосно на Исус душо моја, живеј, диши, страдај и умирај само за Него. И сите родови ќе те ублажуваат зашто заедно со Марија ќе го најдеш вистинското блаженство кое е самиот Бог.
3. Зашто Силниот ми направи големи дела и свето е Неговото Име – Големи и бескрајни биле благодатите, кои Бог ги искажа на Марија. Затоа со право таа изјавува дека Силниот ѝ направи големи нешта. Само Бог кој е семоќен можел да ѝ го стори на Марија тоа што и го сторил. Затоа таа со прифаќање и голема благодардност се зарадувала во својата душа. Како Марија и јас треба да се радувам зашто Бог погледна на смиреноста на мојата душа која е негова слугинка и изврши во неа големи дела. Да, ќе повторам со Марија: „Свето е Неговото име. Свето е името на мојот Бог, на мојот преслаток Исус!…..” Секогаш во устата и во моето срце ќе го имам тоа преслатко Име, кое ѝ претставувало најголема наслада на Марија. Јас ќе сторам да го познаваат и сакаат тоа преслатко име сите кои уште не го познаваат и не го сакаат.
И милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. – Божјата милост која оди од род во род за оние кои му се бојат не е само широка како морето и безмерна како вселената, но уште е и бескрајна како Бог. Таа се простира до последниот од човечките родови зашто на секаде има Божји чеда, кои се бојат од него. Душо моја ако уште не си во бројот на тие што го љубат Бога, кои живеат само од неговата љубов, биди барем среде тие кои се бојат од него и кои живеат со светиот страв Божји.
4. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се гордеат со мислите во срцата свои. – Бог не би можел да изврши дело поголемо од откупувањето на човекот зашто тоа е навистина дело на Божјата рака т.е. на самата сила и цврстина Божја. Со смиреноста и понижуването на Единородниот свој Син, кој стана човек и жртва за луѓето Бог Отец го победи кнезот на овој свет и другите непокорни духови кои горделиво кажаа во своето срце: „Ние сме богови, затоа не сакаме Бог да царува над нас”. На тој начин Бог нѐ ослободи од ропството на ѓаволот и нѐ направи свои чеда и сонаследници на вечното небесно царство.Величај го душо моја твојот добар небесен Отец кој ти го даде за Спасител својот Син и тој е за тебе вистинскиот Исус т.е.Спасител.
5. Ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените – После првородниот грев кога ѓаволот стана цар, на земјата царуваше гордоста и високомерноста кои ја сочинуваат сета сила на кнезовите на овој свет. Но Исус прогонувајќи ги со смиреноста горделивите, т.е. ѓаволот и неговите слуги ги симна силните од престолот. Затоа Исус Цар на смиреноста ги возвеличи понижените правејќи тие да царуваат со него. Марија е царица на тие смирени души зашто е првата која Исус ја издигна до највисокото достоинство, по неа ги издигна Јосиф, апостолите и бескрајното множество светци, кои поради нивната смиреност биле издигнати во слава од Бога.
Гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни – И Христос дојде на земјата за да го проповеда сиромаштвото т.е. откажувањето од себе и од созданијата. За тоа Исус се роди беден и лишен од сé, а тие кои се откажале од себе, кои светот ги смета за лишени од сé, Исус ги обдарува со блага, т.е. со седумте дарови на Светиот Дух кои се: мудрост, разум, совет, јакост, знаење, набожност, страв Божји. Тој им ја додава духовната радост, мирот во срцето, Божјото пријателство и вечното царување со Бога кој го надминува секое друго благо, зашто тоа е почеток, извор и содржина на секое блаженство. Оние пак кои светот ги сметаат за богати, зашто поседуваат материјални блага, чест и слава биле испратени од Христос со празни раци т.е. лишени од неговата благодат.
6. Го прифати Израелот, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста – Израел значи Божји народ; со тоа име се нарекува секој кој припаѓа на Божјиот народ т.е. оној народ кој Бог го избра да биде Негов; тој по природа е милостив кон нас бедните грешници кои со Адам сме го навредувале. Бог ни го испрати Еднородниот свој Син кој стана роб за сите нас и страдаше за нашите гревови за да нѐ откупи од ропстовто и да нѐ направи сонаследници на вечното небесно царство. О преголема доброта! О бескрајна милост на Бога кон нас бедните грешници.
Како што им зборуваше на татковците наши, на Авраама и на потомството негово довека – Таа голема милост за нашето вечно спасение Бог ја откри и објави на патријарсите и пророците почнувајќи од Авраам. Тоа големо ветување се исполнило преку големото дело на откупувањето. Да биде секогаш слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.
(Толкување од отец Јосиф Алоати за приватна употреба)
Сестри Евхаристинки – Гевгелија