На празникот на светите браќа Кирил и Методиј, 24 мај 2017 година во Католичката црква „Свети Кирил и Методиј“ во Петралинци се служеше света Архиерејска Литургија која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија во заедништво со свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија.
Светата Литургија започна со процесија со моштите на свети Кирил кои за време на Литургијата беа изложени на олтарот, а на крајот од Литургијата верниците имаа можност да ги упатат своите молитви до свети Кирил Солунски.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на ситуацијата во Европа, која се темели на христијанските корени при што истакна:
„(…) Да се соживееме во оваа наше време кога сонцето на една цивилизација се наоѓа на заоѓање. Со голема жалост мора да кажам дека на заоѓање се наоѓа христијанската цивилизација на Европа. Светиот Отец папата Фрањо се осмели во лице да каже на еден висок европски политичар дека Европа е старица, неплодна и неспособна за ново раѓање. Со други зборови: чувствуваме дека во некогаш комплетна христијанска Европа денес доживуваме изумирање на тоа христијанство. Остануваме малцинство и во опасност сме да не нѐ фати безнадежност. Папата Бенедикт XVI, кој, како една од своите последни книги што ја објави под наслов: Последни разговори, говори токму за тоа како христијанството во Европа се гаси. Но, тој не е песимист и не е маловерен. Буди надеж која и јас би сакал сега со вас да го споделам тоа размислување. Си поставив прашање: дали ние можеме да го продолжиме делото на светите Браќа? Одговарам со да. Сепак, на светите Браќа им било полесно, не би сакал на тоа да се чудите, затоа што тие на варварите, паганите, безбожниците им навестија голема новост – евангелието, радосната вест на христијаните, а ние денес имаме потешка задача, бидејќи пред нас не се пагани, туку отпаднати или угасени христијани да не кажам потежок збор мртви тела. (…) Папата Бенедикт XVI говори како христијанството во Европа ќе опстане во мали дијаспори, во мали заедници но кои ќе бидат живи во верата и милоста. Исто така, ако тие заедници како квасец ќе ги преобразат новите народи на Европа и така одново во дадено време со новата евангелизација ќе се направи христијанството да биде сила.“
По завршувањето на светата Литургија во парохиската сала беше организирано агапе од страна на парохијаните.
По благогослов од страна на бискупот Стојанов моштите на свети Кирил Солунски беа повелечни во 13.00 часот од парохиската црква во Петралинци.
Автентичноста на моштите на свети Кирил се потврдени со сертифакат од надлежните црковни власти и се единствени мошти на свети Кирил кои се наоѓаат во Македонија. Пред три години тие за прв пат беа изложени во Католичката црква „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци.
Гробот на свети Кирил се наоѓа во Католичката црква „Свети Климент“ во Рим. За време на престојот во Рим светите Кирил и Методиј биле примени од Папата Адријан II, кој го ракоположил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони.
Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Свети Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешен ден. Методиј, кој добил архиепископскиот чин од Папата се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата.
к.мк