Од свештеничкото ракополагање во Радово во 1986 година до епископската служба што остави силен печат врз Католичката црква во Македонија, јубилејот на монсињор Киро Стојанов зборува за живот посветен на Бога, на Црквата и на народот.
Пишува: отец Гоце Костов
Во животот на Црквата има јубилеи кои едноставно не поминуваат незабележани, затоа што покрај временски поминатите години, честопати се отсликува цел еден живот. Таков е и 40-годишниот јубилеј од свештеничкото ракополагање на монсињор Киро Стојанов, кој на 6 април 1986 година во родната парохија „Свети пророк Илија“ во Радово беше ракоположен од рацете на владиката Хербут. Секој свештенички јубилеј е повод за навраќање на настаните кои го одбележале неговиот животен пат. Но јубилејот на монсињор Стојанов ја надминува неговата лична биографија, затоа што неговото делување остава длабок и неизбришлив белег во историјата на Католичката црква во Македонија.
Кога се зборува за монсињор Киро Стојанов, во него најпрво се препознава ликот на ревносен свештеник, за кого и денес луѓето во неговата родна парохија со задоволство се потсетуваат на неговата пасторална работа. За него е многу јасно дека свештеникот треба да биде близок со своето стадо и присутен во животот на луѓето. Тој останува таков и по неговата хиротонија за епископ на 1 мај 1999 година. На 20 јули 2005 година, папата Бенедикт XVI го именува за скопски бискуп и Апостолски егзарх, додека во 2018 година папата Фрањо го именува за прв епархиски епископ на Струмичко-скопската епархија.
Зад неговата служба остануваат и видливи плодови: зацврстени црковни структури, изградени и обновени храмови, грижа за семејството, духовниот живот и заедништвото, грижа за сиромашните преку неговата долгогодишна служба како претседател на Македонски Каритас, како и постојано залагање за мир и единство.
Во неговото служење јасно се гледа стремежот кон единство, особено во контекст на специфичната црковна реалност во Македонија, каде западната и источната католичка традиција заедно ја сведочат истата вера.
Можеби не сме доволно свесни што значи да се биде негов соработник, свештеник, верник, пријател, духовно чедо или дел од стадото што со него испишува историја. Со благодарност за вашето служење на Црквата во Македонија, молиме Господ да ви дарува изобилен благослов за да го водите и понатаму довереното стадо со мудрост и љубов.
На многаја лета, владико!

