Молитвен 8-ми март
Денес ми е особена чест на сите вас да ви посакам добредојде во нашата убава црква посветена на свети Пророк Илија, во истоимената парохија, каде созаштитничка ја имаме Марија од Назарет, со прекрасната статуа која гордо стои во нашата црква, а во нејзина чест имаме изградено и капела. Во Радово капела имаме и во чест на блажена Мајка Тереза, на која имаме и многу убава фреска во редот на Македонските светци во продолжение на иконостасот.
Во името на домаќинките, жените од Радово, ве поздравувам сите вас од: Струмица (Катедрала Успение на Пресвета Богородица и парохија Раѓање на Свети Иван Крстител), Нова Маала (Успение на Пресвета Богородица), Чанаклија (Свети Великомаченик Горѓи), Петралинци (Светите Кирил и Методиј), Сарај (Св.вмч.Демиртиј и св. Падре Пио), Секирник (Свети Никола) … разбирливо и вас од другите места сите сме тука да бидеме дел од Молитвено-духовната средба на жени – Молитвен 8-ми март, заедно со вас ги поздравувам и браќата свештеници, вашите духовни водачи, кои се одзваа да се организира и оваа година заедничката средба.
Ќе започнеме со Молебен во чест на ПДМ, на кој свој наговор ќе има о. Ѓорге Појразов на тема: Света Тајна – Брак. Столб на животот во заедницата, во општеството, во Црквата е семејството; столб на семејството е брачниот пар; столб во брачниот живот е помирувањето. Вечерва ве повикувам да се помирите со се она што ве опкружува и со сите оние кои ви се во моментот пречката за убаво да се чувствувате и прикладно молите, вечерашната молитва и дружење се дар Божји, искористете го. Сакам да ви напоменам, човекот, за жал, неможе да се помири еднаш засекогаш – за сите времиња. Се покажало дека, и покрај добрите одлуки и настојувања, повторно се погрешува. Ни останува да бидеме во постојано помирување.
Жените со своето верно служење на Исуса и храброто следење во моментите на неговата Калварија на носењето на Крстот, придонесоа нему да му се ублажи болката, страданието и маката, а во исто време беа патоказ за учениците – апостолите Христови да се покаат и помират со Господ по бегството од при Христовото предавање од страна на Јуда Искариотски. Тие, апостолите по сугестија на жените се помирија и покајаа и беа среќни. Бидете вие жените од наше време тој линк кој ќе им помогне на сегашните генерации да се повратат, ако треба да се покајат и помират во Господ за да бидат среќни.
Кој не знае да се покае и помири, не знае ниту да живее. Најпрвин човекот треба непрекинато да се помирува сам со себе, прифаќајќи се и подобрувајќи се секојдневно. Јас верувам дека и денешната наша средба ќе биде од корист во нашиот духовен напредок.
Отец Зоран
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк