Молитвена осмина за единство на христијаните – Прв ден

Молитвена осмина за единство на христијаните – Прв ден

„Цел и смисла на Молитвената осмина за единство на сите христијани, кои припаѓаат на различни цркви е да се молат за единството христијаните во период од осум дена, поттикнати од иста библиска содржина и истите тематски размислувања, во согласност со Исусовата молитва и желбата за единство. На неговите ученици оваа желба ја искажа на многу места во Евангелијата, а особено е нагласено, дури и драматично, на неговата последна вечера“.

Тема: Бог нè повика

„Вие не Ме избравте Мене, но Јас ве избрав вас“ (Иван 15,16)

Битие 12, 1-4 Повикот на Авраам

Читање од Првата книга Мојсеева

1.И му рече Господ на Аврама: „Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас! 2. А од тебе ќе направам голем народ, и ќе те благословам, и името твое ќе го прославам и ти ќе бидеш благословен. 3. Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и +преку тебе ќе бидат благословени сите родови на земјата.” 4. Тогаш тргна Аврам, како што му кажа Господ, а со него појде и Лот. А Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан.

Иван 1, 35-51 Повикот на првите ученици

Читање од светото Евангелие според Иван

35.А на другиот ден, пак, стоеше Иван и двајца од неговите ученици. 36. И штом Го виде Исуса да врви, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!” 37. Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса. 38. А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе) каде живееш?” 39. Им рече: „Дојдете и видете!” Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час. 40. А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра. 41. Тој прв го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месија, кое значи: Христос!” 42. И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.” 43. На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!” 44. И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра. 45. Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” 46. А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!” 47. Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.” 48. Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.” 49. Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!” 50. А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.” 51. И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.”

Размислување

На почетокот на патувањето стои средбата помеѓу човекот и Бог, меѓу создаденото и Создателот, помеѓу времето и вечноста.

Авраам го слушна повикот: „Оди од својата земја, од својата татковина и од татковата куќа, во земјата што ќе ти ја покажам“. Како што го повика Авраам, така и Бог нè повикува да го оставиме она што е близу до нас и да се придвижиме кон местото што Бог го подготви за нас во длабочините на нашите срца. На тој пат, самите стануваме сè повеќе ние, стануваме личности, кои треба да бидат во согласност со Божјата волја. Ако го следиме Неговиот повик, ќе бидеме благослов за луѓето кои ги сакаме, за ближните и за светот.

Поради својата љубов, Бог нè бара. Бог станува човек во Исус Христос, во кого го гледаме Божјото лице. Искуството на Евангелието според Иван важи и за нашите животи: Божјиот повик допира до нас на различни начини. Кога ќе нè трогне неговата љубов, се упатуваме на пат. Средбата со Него го прави нашиот пат да стане пат на преобразба – однос на љубовта, пат кој се осмелуваме да го започнеме секогаш одново.

„Еден ден сфати дека во длабочините на твоето битие, без твое знаење, е зачувано едно „да“. И, го одбра патот да го следиш Христос … Додека молчеше во присутноста Христова, го разбра неговиот повик: „Дојди и следи ме, ти подарувам можност твоето срце да се одмори“.

Молитва

Исусе Христе, Ти нè бараш, ни го нудиш твоето пријателство и нè водиш на патот до исполнет живот. Дај ни доверба да одговориме на твојот повик, да се преобразиме и да можеме да бидеме сведоци на таа нежна љубов со која ти го љубиш светот. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот