Молитва за мир во Јужен Судан и Демократска Република Конго

Молитва за мир во Јужен Судан и Демократска Република Конго

Во четврток на 23 ноември, папата Фрањо во ватиканската базилика, во 17.30 часот ќе ја предводи молитвата за мир во Јужен Судан и во Демократска Република Конго – извести префектурата на Папскиот дом. Тој настан е отворен за сите, а за учество не е потребна билет.

Бројни се апелите кои папата Фрањо ги упати за тие две земји во текот на својот понтификат. Неодамна во предговорот на книгата за Јужен Судан, на комбонијанскиот мисионер Даниеле Москети, Папата напиша дека чувствува потреба да се сензибилира меѓународната заедница за таа тивка драма, за која е потребно ангажирање на сите луѓе за да се постигне решение кое ќе го запре конфликтот кој е во тек. Да не се интересираме за проблемите на луѓето посебно во приликите во кои се наоѓа Јужен Судан, всушност би значело да се заборави лекцијата од Евангелието, за љубовта кон ближниот кој страда и кој е сиромашен – напиша Папата.

Токму овие денови Организацијата на обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) објави дека околу 30.000 гладни луѓе во Јужен Судан можат подобро да живеат благодарение на опремата за одгледување на овошје и зеленчук, која е финансирана од донацијата на папата Фрањо.

Во февруари пак Папата во еден неделен пладневен наговор, упати силен апел за мир во Демократската Република Конго, која е измачена од големо насилство. Тоа беше повик до сите луѓе да бидат творци на заедништвото и братството во секојдневниот живот и во семејството, применувајќи ја трпеливоста, дијалогот и простувањето. Освен тоа, Папата истакна дека чувствува голема болка заради жртвите, посебно заради трагедијата на голем број деца разделени од семејствата и училиштето, за да се искористат како војници. Во таа прилика ја загарантира својата близина и молитвата за монашкиот и хуманитарниот персонал кој работи во тоа – како што рече – тешко подрачје. Се молам за нив и за сите народи кои и на другите краишта на африканскиот континент и свет страдаат заради насилството и војната – рече тогаш папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот