Минофрлачки проектил ја погоди нунцијатурата во Дамaск
Минофрлачки проектил во вторник 5 ноември ја погоди зградата на нунцијатурата на Светата Столица во Дамаск, која се наоѓа во централниот кварт Мали, недалеку од плоштадот Омајд. Проектилот падна на едното крило од зградата на нунцијатурата каде што се наоѓа спалната на Апостолскиот нунциј, кабинетот на неговиот секретар и собата на монахињите. За среќа, нема жртви и повредени, а штетите се незначителни, изјави Апостолскиот нунциј во телефонскиот разговор за Радио Ватикан :
„Околу седум часот наутро бевме потресени од силната експлозија и веднаш легнавме на земјата. Потоа секретарот ми јави дека нунцијатурата е погодена од проектил. Констатиравме дека нема жртви и повредени, а штетите се незначителни. Можеме да претпоставиме што би се случило ако проектилот паднеше малку подоцна, токму во тоа крило, каде што наутро служам литургија или пристигнуваат службениците. Му благодарам на Бог, што нема жртви и повредени”.
Архиепископ Џенари не го наведува изворот или сторителот на нападот, но прецизира дека не е прв пат минофрлачки гранати да паѓаат во близина на нунцијатурата. „Од почетокот на конфликтот до денес, во населбата Јарамана паднале околу 2.800 гранати, што е неверојатно. Сите имаме една иста судбина како во Дамаск, така и другите делови на земјата”, додаваат од нунцијатурата.
„И покрај нападот не е предвидено нунцијатурата да биде затворена или вработените да бидат преместени – вели секретарот отец Џорџо за новинската агенција Азијањуз. Папските претставништва никогаш не се затвораат. Во нашиот случај ќе преземеме некои дополнителни мерки за безбедност”.
Монсињор Џенари е еден од ретките дипломати, кој не го напушти своето седиште за време на граѓанската војна во Сирија, која трае веќе втора година. Заедно со папата Фрањо, тој вложува напори за спроведување на мировна конференција за Сирија, без превентивно вето за учесниците.
РВ/го*ко