Божиќниот пост е време на препознавање на Исуса во човекот. Тоа е време на прилагодување на нашите очи и срца, во Младенецот Исус да го препознаеме Емануел.
На Исус му било најтешко да ја скрши човечката себичност и нечувствителноста за другиот човек. И денешниот свет говори: Земи, гледај си за себе, единствено ти си важен… додека Исус вели: Ајде погледни го болниот и оној во потреба. Едни говорат: Загради! А Исус: Дарувај, своето време, имотот, себе. Кај Исус доаѓаа: куци, сакати, слепи, неми, а Тој ги лекуваше. Исусовата грижа не завршува со оздравувањето. Тој ги оспособува да можат да продолжат да живеат.
Човечката природа оптоварена од гревот гледа само одблизу; верата гледа во хоризонтот. Себичноста нѐ прави далечни луѓе; таа нѐ разделува. Себичноста копа провалии меѓу луѓето, создава класи и привилегирани. Себичноста го бара само своето и го прави човекот ривал на другиот човек. Дарежливоста и чувството за другиот го прави човекот благороден, препознавајќи во секој човек брат. Така човекот стекнува за себе браќа и сестри. Себичноста е незаситна. Секогаш бара нови жртви. Во светот ќе има правда, дури кога луѓето преку Христос ќе го препознаат во другиот оној на кој му е потребна нашата помош, а не ривал.
Но, хуманизамот заради хуманизмот е невозможен. Не може да се сака човек и да му се прави добро само затоа што е човек. Тоа го знаел Исус. Затоа Тој сака причината за правењето добро да биде Он, кој се поистоветува со сите на кои им правиме добро. Затоа е поблажено да се дава и да се прави добро, отколку да се прима и одзема. Со сѐ што даваш ја скратуваш себичноста во себе и самиот се правиш среќен. Давањето ја зголемува љубовта и светот го претвора во „земски рај“. Ако макар еден ден поминал, а не си направил некому добро, денот е загубен. Ако даваш не очекувајќи да ти се врати, добиваш затоа што сееш, а ја собираш радоста која само Бог ја дарува. Даваш нешто, а добиваш срце. Секој дар е семе во човечкото срце. Порано или подоцна ќе р’ти.
Божиќниот пост е време на препознавање на Исуса во човекот. Тоа е време на прилагодување на нашите очи и срца, во Младенецот Исус да го препознаеме Емануел.
о. Андриј Ѓаковиќ/к.мк