Меѓународна конференција посветена на миграцијата во Ватикан: Заштита на човековото достоинство
„Времето минува, но „проблемот со мигрантите останува и понатаму ист, бидејќи тие предизвикуваат барем четири основни чувства: рамнодушност, непријателство, сомневања и предрасуди“. Ова го истакна кардиналот Антонио Марија Велио, претседател на Папскиот совет за пасторал со мигранти, при отворањето на 7. меѓународна конференција на ватиканскиот совет (17 – 23 ноември). Пред околу 300 учесници од 93 држави, кардиналот Велио се задржа на позитивните страни на емиграцијата, истакнувајќи ги аспектите на соработка и развој.
Во изјавата, секретарот на Папскиот совет, монсињор Џозеф Калатипарамбил го насочи вниманието на присутните кон три важни теми: дијаспората на емигрантите и особено на семејствата, соработката со емигрантите во земјите низ кои тие минуваат и во кои пристигнуваат, и достоинството на емигрантите.
Според монсињор Калатипарамбил, барањето на работа е првата причина за феноменот миграција. Тој истакна дека е „потребно да се зајакне интеракцијата меѓу светската миграција и човековиот развој на глобално, национално и регионално ниво“.
Важен е и партнерскиот аспект, затоа општеството треба да го подобри начинот на перцепција на миграцијата. „Достоинство на човекот“, истакна секретарот на Папскиот совет, „игра голема улога во управувањето со емигрантските случувања. Станува збор за концепт кој произлегува од признавањето дека сите луѓе се создадени по Божји образ и подобие“.
РВ/В.Н.