На денешен ден, 7 мај, се навршуваат седум години од историската посета на папата Фрањо во Македонија. Овој настан останува врежан во историјата на Црквата во Македонија и во историјата на самата држава, затоа што Светиот Отец, покрај посетата на верниците и локалната Црква, оствари средби и со претставници на државната власт. За првпат еден Папа ја посети Македонија, доаѓајќи како пастир и ходочесник на мирот.
Тој дојде во земјата на светата Мајка Тереза, светицата родена во Скопје, која со својот живот покажа дека љубовта кон Бога се препознава во конкретната љубов кон сиромашните, болните, осамените и заборавените. Самиот избор на името Фрањо го откри правецот на неговиот понтификат: едноставност, сиромаштво, близина до човекот и грижа за најранливите. Тој идеал папата Фрањо го живееше и пред својот избор за Петров наследник, уште како архиепископ на Буенос Аирес. Со својот личен пример, проповед и црковните документи што ги објави, тој постојано потсетуваше на централната порака на Евангелието: љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот.
На 7 мај Скопје беше во центарот на вниманието. Скопје стана место на молитва и средби. Преку Светата Литургија на плоштадот, во заедништво со епископот Киро Стојанов, свештенството, богопосветените лица, верниците и младите, како и преку средбите со државниот врв и верските заедници, Светиот Отец ја препозна католичката заедница во Македонија како „мало стадо“ и составен дел од универзалната Црква, охрабрувајќи ја да остане верна, радосна и мисионерска.
Македонија е мала земја, но на 7 мај 2019 година беше домаќин на голем црковен настан. Иако со текот на времето некои настани се потиснуваат, премолчуваат или се оставаат на маргините, посетата на папата Фрањо во Македонија останува факт што се случи и спомен што сме повикани да го чуваме со благодарност.
Затоа, со благодарност се сеќаваме на неговата посета, на охрабрувањата што ги упати, на молитвеното и евхаристиското заедништво и на сведоштвото што го остави на Црквата и светот.
Овој спомен нека биде поттик да продолжиме да молиме за плодовите од таа историска посета, но и да го препорачаме папата Фрањо во нашите молитви, молејќи од Господа спасение за неговата душа. Господ нека му дарува вечен мир, а нас нека нè зајакне да ја живееме верата во секојдневниот живот, со едноставност и понизност, како што сведочеше и самиот папа Фрањо.
Отец Гоце Костов

