Критичарите на светата монахиња со години тврдат дека таа одбивала да им дава лекови против болка на болните и оние на умирање во нејзината мисија во Калкута.
На 4 септември се навршуваат 10 години од канонизацијата на Мајка Тереза, светица која папата Иван Павле II ја нарече „икона на добриот Самарјанин“ и жена која го живееше својот живот „како целосен дар за сиромашните“.
Монахињата беше светски позната по тоа што основаше мрежа од домови во некои од најсиромашните делови на светот, меѓу кои и нејзиниот „дом за оние кои умираат“ во Калигат, Калкута.
Тој хоспициј центар, кој и денес работи, се грижи за луѓе што немаат каде да одат, меѓу нив и за многумина што се на крајот од животот. Сестрите монахињи таму се трудат да Му служат на Исус „скриен под вознемирувачката маска на најсиромашните меѓу сиромашните“, како што рече свети Иван Павле II.
Сепак, иако Мајка Тереза беше славена поради својата доживотна жртва и неуморна посветеност на сиромашните, таа повремено беше мета на критики. Некои критичари тврдеа дека не им служела доволно ефикасно на сиромашните, меѓу другото и дека наводно одбивала лекови против болка за оние што тешко страдале додека умирале под нејзина грижа.
За овие обвинувања најмногу е познат Кристофер Хиченс, британски атеист и јавен критичар на религијата. Тој ја посетил куќата во Калигат, а подоцна критички пишувал за стандардот на грижа што таму се обезбедувал, вклучувајќи го и тврдењето дека сестрите одбивале да им дадат лекови против болка на пациентите што страдале.
„На првата линија во ублажување на болката и страдањето“
Џим Тоуи, американски адвокат кој првпат ја запознал Мајка Тереза во 1985 година и кој со години служел како правен советник на неа и на Мисионерките на милосрдието, остро го оспорува тврдењето дека светицата била „рамнодушна кон човечката болка“.
Тоуи, кој своите години служба со Мајка Тереза ги опиша во книгата Да се љуби и да се биде љубен од 2022 година, изјави дека таа „постојано била на првата линија во ублажувањето на болката и страдањето“ низ целиот свет.
Според Тоуи, широко повторуваните критики на Хиченс се засновале на сведоштва на неколку поранешни членови на Мисионерките на милосрдието, како и на посетата што самиот Хиченс ја направил на домот во Калигат во раните 1980-ти, за која пишувал години подоцна.
Критичарите на домот во Калигат, рече Тоуи, „немаат претстава како изгледале улиците на Калкута, каде што луѓе буквално умирале пред вратите на Мајка Тереза“.
„Таа ги внесуваше внатре, им ги чистеше раните и им даваше утеха“, рече тој. „Половина од нив умираа, а половина на крајот закрепнуваа и си заминуваа.“
Тоуи посочи дека условите во источна Индија на почетокот на 1980-тите го правеле речиси невозможно обезбедувањето силни лекови против болка.
„Во Калкута немаше достапен морфиум, дури ни во болниците“, рече тој. „Не можеше да се добие анестезија. Патиштата за снабдување во и надвор од Западен Бенгал, дури и во XXI век, беа ужасни. Таму беа одбивани западните инвестиции, а трговијата речиси и да не постоеше.“ Според него, регионалната советска политика исто така ја ограничувала размената на стоки.
„Немаше сигурен прилив на медицински материјали“, рече Тоуи. Сепак, додаде тој, „кога Мајка Тереза ги имаше, таа ги користеше“.
Тоуи истакна дека стандардите на грижа во домот во Калигат значително се подобриле во децениите по посетата на Хиченс. Тој рече дека последен пат го посетил домот во мај.
„Драматично се промени. Квалитетот на грижата, медицинската грижа што ја обезбедуваат, ублажувањето на болката што им го даваат на луѓето, сето тоа е подобрено“, рече тој.
Сепак, предупреди дека не треба да се применуваат болнички стандарди на место што, во суштина, е хоспициј.
„Мајка Тереза не водеше болница“, рече тој.
И покрај тоа, според Тоуи, таа била посветена на тоа да го ублажи страдањето на луѓето под нејзина грижа колку што било можно. Тој потсети дека и самата Мајка Тереза земала лекови за да се справи со хронична болка во грбот и со повеќе скршеници, меѓу кои и скршено рамо.
„Тоа беше личност чиј живот беше потопен во страдање“, рече Тоуи. „Но кога болката стануваше неподнослива, таа земаше лекови против болка. Таа го разбираше искупителното страдање, но исто така знаеше дека Црквата ги охрабрува луѓето да ја лекуваат болката.“
Тоуи, кој го читаше првото читање на светата Литургија за канонизацијата на Мајка Тереза во Ватикан во 2016 година, рече дека Мајка Тереза „правела што можела“ и „го користела она што го имала“ за да ги ублажи страдањата на луѓето под нејзина грижа.
И покрај ограничените можности, таа се трудела оние што страдаат или умираат во нејзините домови да знаат дека се сакани и згрижени.
„Таа се обидуваше да им помогне на луѓето да ја разберат болката, кога тоа не беше нешто што можеше да го ублажи“, рече тој.
На крајот, додаде Тоуи, Мајка Тереза им помагала на луѓето да знаат дека се сакани, дека имаат достоинство дадено од Бога и дека нивното страдање не може да го намали тоа достоинство.
ЕВТН/к.мк

