Литургија на Папата на Светскиот ден на трудот

Ватикан ,1.5.2013 /к.мк/ – „Општеството не е праведно ако не им гарантира на сите работа или ако ги искористува работниците“, рече папата Фрањо во среда 1 мај, на света Литургија во капелата на домот Света Марта, на која присуствуваа малолетни деца и девојки, веќе мајки, од центарот на солидарност „Ponte (Мост)“, здружение формирано во 1979 година во Чивитавекија, предводени од нивниот претседател отец Егидиј Смакиј.

Коментирајќи ги литургиските читања, Папата рече дека Исус во евангелието го нарекуваат „Син на дрводелец“ и дека првото читање зборува за Божјото создавање на светот. „Таа слика на Бог работник ни кажува дека работата е повредна од заработениот леб. Работата ни дава достоинство. Достоинствен е оној што работи, има посебно достоинство, достоинство на личност: достојни се мажот и жената што работат. Напротив, невработените немаат достоинство. Но многумина би сакале да работат, а не можат. Тоа е товар на нашата совест, бидејќи кога општеството е организирано на начин на кој сите немаат можност да работат, да немаат подеднакво достоинство, тогаш не е добро таквото општество, тоа е неправедно и е против Бог, бидејќи Бог сака нашето достоинство да започне одовде“, истакна Светиот Отец.

„Ниту моќта, ниту парите, ниту културата не ни даваат достоинство, ни го дава само достоинствената работа, а денес, многу општествени, политички и економски состави се определуваат за искористување на луѓето. Неправедна плата, невработување поради билансот на компанијата, поради остварување на поголем профит се противат на Бог. Колку пати сме читале за тоа во Осерваторе Романо…“, забележа Папата и додаде:

„Многу ме погоди насловот за трагедијата во Бангладеш „Живееја со 38 евра на месец“, тоа им била платата на загинатите во урнатата зграда. Тоа се нарекува „ропска работа“. Во светот денес постои ропство кое се остварува со најубавото што Бог му го има дадено на човекот: способноста да создава, работата, со која се стекнува личното достоинство. Тие браќа и сестри се наоѓаат во таква состојба поради економските, општествените и политичките уредувања“, заклучи папата Фрањо.

„Некој средновековен рабин, говорејќи ѝ на својата заедница за изградбата на вавилонската кула, ја истакнал вредноста на тулата: Кога несакајќи паѓала некоја тула, настанувал ужасен проблем, а доколку паднал некој работник никој не се вознемирувал, останувал каде што ќе паднал. Поважна била тулата од човекот. Тоа што го проповедал тој средновековен рабин се случува и денес. Општествените, политичките и економските проблематики се поважни од човекот. До каде стигнавме? Повеќе не сме свесни за достоинството на човечката личност, за достоинството на работата. Нека свети Јосиф, Исус, Бог работник, кои се наши примери, нѐ научат за патот на достоинството“, поттикна Светиот Отец.

Денес не можеме повеќе да го кажеме она што го зборувал свети Павле: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“, туку треба да говориме: „кој не работи, тој го изгубил достоинството!“, односно таа личност општеството ја лишува од достоинството. Денес би било убаво повторно да го послушаме Божјиот глас упатен до Каин: „Каде е твојот брат?“. Но денес повторно слушаме: Каде е твојот невработен брат? Каде е твојот брат кој ја извршува „ропската работа?“. Папата ја заврши проповедта поттикнувајќи на молитва за сите браќа и сестри што се робови на работата. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<