Кратко објаснување за Синодата?

Кратко објаснување за Синодата?

Папата Фрањо на 10 октомври 2021 година во базиликата Свети Петар во Ватикан ја отвори синодата за целата Црквата насловена: За синодална Црква, заедништво, учество, послание. Како и во останатите бискупии ширум светот, така на 17 октомври во катедралната Црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица епископот Стојанов ја отвори синодата за Црквата во Македонија.

Што е синода?

Зборот синода потекнува од старогрчкиот збор syn-hodos и значи заедничко одење. Постојат редовни и вонредни сидноди, кога одредени епископи од целиот свет се собираат заедно со Римскиот бискуп за да разговараат за конкретни потреби на Црквата.

Синодата не е парламент и на неа нема да се менува науката на Црквата, туку има за цел да ја направи верата пожива, поактуелна, поконкретна и подостапна за да може да одговори на потребите на времето. Таа претставува ослушкување на сите учесници и споделување на информации, совети и гледишта.

Кој може да учествува?

Оваа синода е посебна затоа што папата Фрањо побара да се вклучи целата Црква, секоја парохија и секој верник. За Црквата секој е важен и во неа за секој има место!

На синодата може да учествува секој кој што има намера да помогне во градењето на Црквата и кој посакува Радосната вест да допре до секое човечко срце. Посебно се повикани оние кои поради било која причина се оддалечиле од животот на Црквата, маргинализираните, отфрлените…

Тоа значи дека и ти си повикан да земаш учество во Синодата. Сите имаме одговорност за посланието на Црквата.

Како може да се учествува, кога и каде

На синодата може да се учествува со лични предлози, идеи, забелешки и прашања, присуствувајќи на некои од советувањата организирани во твојата парохија со отворен и искрен дијалог. Затоа информирај се во најблиската Католичка црква кога и за која целна група има советување во твојата парохија.

„Во Црквата секој треба да се чувствува како дома“ (епископ Киро Стојанов, говор во Паљурци на 23 октомври 2021 година).

к.мк

Категорија: Колумни
Ознаки синода

За авторот