Католичко-православната комисија подготвува документ за папската непогрешливост

Католичко-православната комисија подготвува документ за папската непогрешливост

Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православната црква започна со работа на документ посветен на учењето за папската непогрешливост, една од најважните и најчувствителни теми во католичко-православниот дијалог.

По документите посветени на приматот на римскиот епископ во првиот и во вториот милениум, како и по текстот „Римскиот епископ“, Комисијата продолжува да го разгледува прашањето за папската непогрешливост. Оваа тема и понатаму останува едно од главните теолошки прашања што ги разделуваат двете Цркви.

Одлуката за подготовка на новиот документ беше донесена за време на последниот состанок на Координативниот комитет на Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Православната црква.

Состанокот се одржа од 15 до 19 јуни во Панонхалмската архиопатија во Унгарија. Со Комитетот копретседаваат кардинал Курт Кох, префект на Дикастеријата за промовирање на христијанското единство, и митрополитот Јов Геча од Писидија, од Вселенската патријаршија.

Според заедничкото соопштение објавено по состанокот, работата на Комитетот била насочена кон разгледување на нацрт-документ што ја обработува темата за непогрешливоста од теолошка и историска перспектива. Учесниците воделе темелна и плодна расправа за текстот.

Во исто време, Комитетот оценил дека повеќе делови од нацртот бараат дополнително уредување и појаснување, пред документот да може да биде поднесен на расправа на пленарната седница на Комисијата.

Поради тоа, работата на документот ќе продолжи на следниот состанок на Координативниот комитет, кој е предвиден за 2027 година.

За време на средбата, архиигуменот на Панонхалма, Кирил Тамаш Хортобаѓи, соопшти дека документите од католичко-православниот теолошки дијалог за првпат ќе бидат објавени на унгарски јазик, под наслов „Az Igazság Párbeszéde“, односно „Дијалогот на вистината“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот