Папата Лав XIV во четврт, 20 август 2026 година, се сретна со претседателот на Либан, Жозеф Аун.
Снимките од Ватиканските медиуми го прикажуваат либанскиот претседател во разговор со папата Лав XIV во Апостолската палата, како и на средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин.
Аун се сретна и со секретарот на Ватикан за односи со државите, надбискупот Пол Ричард Галагер.
Прашањето за стабилизација на границата
Во ватиканската нота објавена по средбата во четврток се наведува дека разговорите во Државниот секретаријат „се фокусирале пред сè на Трилатералниот рамковен договор“, потпишан од Соединетите Американски Држави, Израел и Либан.
Договорот има за цел стабилизација на јужните граници на Либанската Република и постигнување праведен и траен мир.
Светиот Престол го поздрави потпишувањето на договорот, склучен на 26 јуни 2026 година, но истовремено изрази „сериозна загриженост“ поради тешкотиите во неговото спроведување. Во нотата се додава дека Светиот Престол ја уверил својата поддршка за напорите во оваа насока. Ватикан ги опиша средбите со претседателот Аун како „срдечни разговори“.
Благодарност и молба
Во соопштение објавено на веб-страницата на либанското претседателство, претседателот Жозеф Аун ја повтори својата благодарност до папата Лав XIV и до Светиот Престол за нивните повеќеслојни напори во поддршка на Либан.
Тој особено побара продолжување на поддршката за барањата на Бејрут, пред сè барањето Израел да биде поттикнат да ги спроведе одредбите од рамковниот договор потпишан на 26 јуни под покровителство на Соединетите Американски Држави.
Аун го повика Израел да ги прекине секојдневните напади, кои, според либанската страна, се насочени кон цивили, инфраструктура и села во јужниот дел на земјата, и да се повлече од окупираните територии.
Тоа, како што се наведува, би овозможило обнова на разурнатите области и враќање на раселените лица.
Во соопштението од кабинетот на либанскиот претседател се додава дека Аун нагласил оти овие мерки треба да бидат придружени со проширување на државната власт на Либан врз целата територија на земјата.
Папата Лав XIV го посети Либан во 2025 година
Папата Лав XIV првпат го посети Либан како Папа во ноември и декември 2025 година.
За време на посетата, тој се заложи за присуството на христијаните во земјата и ги повика политичарите и општеството да се стремат за помирување и мир.
Тој апелираше до одговорните лица да работат заедно со населението, да го поттикнуваат помирувањето и да создадат услови луѓето да не мора да ја напуштаат својата земја.
Папата за време на патувањето повеќепати се осврна на прашањето за иселувањето на христијаните од Либан.
Во земјата живее најголемата христијанска заедница на Блискиот Исток, составена главно од маронити, но и од грчки православни, мелкитски и ерменски христијани.
Христијаните треба да останат во Либан за да придонесат во изградбата на „цивилизација на љубов и мир“, рече Папата за време на својата посета.
Пречекувајќи го Папата во Бејрут, претседателот Жозеф Аун изјави: „Ако христијаните исчезнат од Либан, кревката рамнотежа ќе се распадне, а со неа и правдата.“
Молба за помош на христијаните
Либанскиот министер за надворешни работи Јусеф Раги во март 2026 година се обрати до Светиот Престол, барајќи помош за христијаните во јужниот дел на земјата, во близина на границата со Израел.
Христијанските заедници таму страдаат поради насилство, бомбардирања, наредби за евакуација и хуманитарна криза.
Безбедносната состојба на југот останува несигурна, а животот на христијаните е сериозно погоден.
И покрај привремениот прекин на огнот договорен со Израел на 17 април, нападите продолжуваат.
Ватикан њуз/к.мк
https://www.vaticannews.va/de/papst/news/2026-08/papst-leo-libano-praesident-aoun-vatikan-frieden.html

