Државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, во вторник, 23 јули 2024 година, во Киев се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому кардиналот му ја потврди близината и посветеноста на Папата за изнаоѓање праведен и траен мир за напатената Украина, објави Државниот секретаријат на платформата Х.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, тие детално разговарале за последиците од руската агресивна војна во Украина, „континуираниот воздушен терор“ и тешката хуманитарна ситуација во земјата. Зеленски позитивно ја оценил посетата на кардиналот на Украина и неговиот личен придонес за зајакнување на соработката меѓу Киев и Светиот Престол: „Ова е силен сигнал од Ватикан, ви благодариме за оваа поддршка“.
Зеленски и кардиналот Паролин разговарале и за резултатите од средбата на украинскиот претседател со папата Фрањо во јуни на маргините на самитот на Г7 во Италија. Шефот на државата му се заблагодари на папата Фрањо за неговите молитви за мир во Украина.
Кардиналот Паролин е во Украина од петокот 19 до среда 24 јули. Во вторникот, меѓу другото, тој ја посети детската болница Охмадит во Киев, која беше тешко оштетена во руски ракетен напад. Потоа ја посети познатата катедрала „Света Софија“, која е вброена во списокот на светско наследство на УНЕСКО и е знаменитост на Киев. Програмата на кардиналот Паролин вклучува средби со претставници на црквата, граѓанското општество и властите во Лавов, Бердичев, Одеса и Киев. Официјалната причина за патувањето беше завршната света Литургија од ходочестието во маријанското ходочесничко место во Бердичив.
Ватикан њуз/к.мк