Кардинал Паролин се моли за прогонетите христијани во светот

Кардинал Паролин се моли за прогонетите христијани во светот

За време на проповедта на светата Литургија по повод деветстотини години од преносот на моштите на света Агата во Катанија, Сицилија, кардиналот Пјетро Паролин ги повика верниците да се молат за бројните христијани што се прогонувани низ светот.

Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол, ја предводеше светата Литургија вечерта на 17 август, на завршницата од јубилејот посветен на света Агата.

Со евхаристиското славење во катедралата посветена на светителката беше одбележана деветстотата годишнина од преносот на нејзините мошти од Цариград во Катанија.

Кардиналот Паролин го донесе „во оваа сакана земја Сицилија“ благословот и наклонетоста на Папата, кој духовно се придружи на радоста на граѓаните собрани околу древното почитување на нивната заштитничка.

„Прославувањето на оваа годишнина“, нагласи кардиналот, „значи да се признае дека Господ низ вековите останал верен на Својата Црква, ја крепел во времиња на искушение, ја прочистувал во тешкотии и постојано правел повторно да цвета преку сведоштвото на светците.“

Во својата проповед, државниот секретар на Светиот Престол упати апел за молитва за многуте „наши браќа и сестри расеани во различни делови од светот, кои страдаат од прогонство заради името Господово и заради Неговото Евангелие“.

По светата Литургија, низ некои од главните улици во историскиот центар на градот се одржа поворка со моштите на светителката.

Светост што не припаѓа на музеите

„Света Агата не припаѓа само на историјата на Катанија. Таа денес Му припаѓа на Бога и продолжува да оди со својот народ“, рече кардиналот Паролин.

Цитирајќи ги свети Августин и Тертулијан, тој потсети на важноста на мачениците, кои, како што учел свети Августин, не треба да се слават толку поради страдањето, колку поради нивната истрајност.

„Крвта на мачениците“, објаснува христијанскиот апологет од Картагина, „не е знак на пораз, туку семе од кое Црквата постојано повторно цвета.“

Оттука произлезе и повикот на папскиот легат да се гледа на света Агата како на жена која може да ја вдахновува верата и денес, бидејќи таа воплотува „светост што не припаѓа на музеите и продолжува да раѓа вера, надеж и милосрдие“.

Бог останува верен и кога сè изгледа изгубено

Толкувајќи ги библиските читања од Литургијата, извештајот за мачеништвото на седумте браќа Макавејци и нивната мајка, како и Посланието на апостолот Павле, кардиналот Паролин нагласи дека припадноста кон Христос оди подалеку од секое искушение за компромис.

Тоа јасно се гледа кај света Агата, чие мачеништво „не е пред сè извештај за претрпено насилство, туку пројава на љубов што ниедно насилство не можело да ја изгаси“.

Истото се гледа и кај апостолот Павле, кој доживеал неразбирање, прогонство и слабост, но сепак продолжил „да Го проповеда Христос со восхитувачка понизност“.

Моќта Му припаѓа на Бога, а не на луѓето

Размислувањето на кардиналот Паролин потоа го насочи кон самата Црква, која, како што објасни, „не живее од сопствената ефикасност, туку од Божјата благодат; не се темели на способностите на своите членови, туку на верноста на Господ, Кој продолжува да делува преку човечката слабост“.

Потоа се наврати на повикот што се провлекува низ целото Свето Писмо: „Не бој се.“ „Ова не е само психолошко охрабрување, туку самата основа на нашиот христијански живот. Исус не ветува живот ослободен од искушенија и неволји; Тој ветува нешто многу поголемо.“

Кардиналот Паролин потоа повторно сврте внимание на христијаните што се прогонувани во многу делови од светот.

„Затоа, во овој момент да се сетиме и да се молиме за сите наши браќа и сестри расеани во различни делови од светот, кои страдаат од прогонство заради името Господово и заради Неговото Евангелие.“

„Но да не заборавиме“, додаде тој, „дека постои и, така да се каже, бескрвно мачеништво на кое сме повикани и ние.“

Секојдневна светост и мачеништво на верноста

Постојат, затоа, два начина на сведочење на безусловната љубов кон Христос: мачеништвото со крв и една можеби помалку видлива форма, која секој човек може да ја живее во секојдневието, „секојдневното мачеништво на верноста“, како што го нарече кардиналот.

Како пример, тој ги посочи сопружниците што ја негуваат љубовта и во тешкотии; родителите што ги воспитуваат своите деца во христијанската вера; младите што одбиваат да се предадат на културата на надворешниот изглед; свештениците, монасите и монахињите што великодушно го посветуваат својот живот; старите лица што со доверба ги принесуваат своите страдања; и сите оние што, во тишина, секој ден ја избираат правдата наместо компромисот, вистината наместо удобноста и простувањето наместо одмаздата.

Ова, нагласи државниот секретар на Светиот Престол, е секојдневната светост за која зборуваше Вториот ватикански собор.

Злото не се победува со уште повеќе зло

На крајот, кардиналот Паролин забележа дека Катанија поседува огромно наследство на вера, култура, народна побожност и милосрдие.

Ова наследство, рече тој, не смее да се потроши или да остане бесплодно, туку треба да се чува за да може да донесе плод.

Имајќи го пред очи учењето на светците, дека злото не се победува со уште повеќе зло, туку со милосрдието родено од Крстот, кое ја преобразува историјата однатре, ќе биде можно да се соочиме со многуте предизвици на ова подрачје: сиромаштијата, нееднаквоста, тешката положба на многу млади луѓе принудени својата иднина да ја бараат на друго место, борбите со кои се соочуваат семејствата и новите форми на материјална и духовна сиромаштија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот