Кардинал Матео Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција, ја започна четиридневната посета на Украина со посета на притворниот центар „Захид-1“ во Лавовската област, каде што се држат заробеници кои се бореле од страната на руската армија. Носејќи подароци и порака од папата Лав XIV, тој им порача: „Папата се моли за вас.“
Кардинал Матео Марија Зупи им донесе три подароци на затворениците во „Захид-1“, притворен центар во Лавовската област во Украина, каде што се држат војници заробеници кои се бореле за руската армија.
Првиот подарок беше приврзок за клучеви, со надеж дека наскоро ќе можат на него да го стават клучот од својот дом, да ја отворат вратата и да ги прегрнат своите најблиски. Вториот подарок беше слика од иконата Salus Populi Romani, која за христијаните е лик на Мајката Божја, а за сите луѓе знак на надеж. Третиот подарок беше фотографија од папата Лав XIV, кој, како што рече кардиналот, го испратил да им каже дека се моли за мир и за крај на војната.
Посетата го означи почетокот на втората мисија на кардиналот Зупи во Украина од почетокот на војната. Првата се одржа во јуни 2023 година, на барање на папата Фрањо, кога кардиналот имаше средби во Киев со претседателот Володимир Зеленски, како и со други политички и црковни лидери, пред да продолжи кон Москва, Вашингтон и Пекинг.
Таа хуманитарна мисија имаше цел да ја покаже близината на Црквата со сите погодени од војната, но и да ги поддржи напорите за враќање на депортираните украински деца, за олеснување на размената на затвореници и за репатријација на загинатите.
Во придружба на апостолскиот нунциј и украинскиот амбасадор
Пред да отпатува за Киев, кардиналот Зупи, придружуван од апостолскиот нунциј во Украина, надбискупот Висвалдас Кулбокас, и од амбасадорот на Украина при Светиот Престол, Андриј Јураш, го посети притворниот центар. Тој ги разгледа просториите за престој на затворениците, капелата и амбулантата.
Амбасадорот Јураш изјави дека објектот е во согласност со меѓународните стандарди и е отворен за посетители што сакаат да ги проверат условите во кои се држат затворениците.
Според деталниот извештај на италијанскиот весник Avvenire, кардиналот се сретнал со десетици затвореници од повеќе од 50 земји. Тој разговарал со нив на француски и шпански јазик и накратко ги слушал нивните лични приказни.
На еден 25-годишен затвореник кој изгубил нога, кардиналот му изразил близина и надеж дека наскоро ќе добие протеза.
Папата се моли за сите и за крај на војната
Објаснувајќи ја целта на својата посета, кардиналот Зупи им рече на затворениците: „Папата Лав нè испрати мене и нунцијот овде за да ви донесеме надеж. Тој се моли за вас, за војната да заврши и за да можете да се вратите дома.“
Делејќи ги подароците лично, тој го објасни значењето на приврзокот за клучеви.
„Папата ме замоли да ви донесам приврзок за клучеви. Се надевам дека наскоро ќе го ставите клучот од својот дом на него. Денес сакаме да ви кажеме да гледате во иднината со надеж, дека ќе се вратите дома, дека војната ќе заврши. И усрдно се молиме таа наскоро да заврши“, рече кардиналот.
Посетата заврши со молитва во капелата на центарот. https://www.vaticannews.va/en/church/news/2026-07/cardinal-zuppi-begins-mission-to-ukraine-prays-for-end-to-war.html„Да се помолиме наскоро да го пронајдете патот кон дома, сето ова да заврши и да започнете нов живот“, рече кардиналот Зупи.
Покажувајќи кон своето срце, тој додаде дека од срцето треба да се истера сè што е зло.
„Бог секогаш ни дава надеж. Никогаш да не дозволиме злото да расте во нас, и Бог секогаш ќе ни помага да го надминеме“, порача кардиналот.
Ватикан њуз/к.мк

