Виенскиот надбискуп кардиналот Кристоф Шенборн ги критикуваше медиумските механизми кои водат до тоа, известувањето за војните и кризите да е краткотрајно, пренесува Kathpress во петок, 12 декември.
„За сите жртви на војна, насилство, земјотреси, поплави и природни катастрофи генерално се известува само накратко, додека следната лоша вест не дојде до израз“, пишува кардиналот Шенборн во редовна колумна во петокот во весникот Heute.
Наместо таков пристап, кардиналот повикува на интерес за човечкото страдање. „Денес сакам да се сетам на сите луѓе во неволја за кои веќе не ни размислуваме. Во секојдневниот наплив на вести лесно паѓаат во заборав“, напиша виенскиот кардинал.
Кога некој конфликт повеќе не е трајно покриен од медиумите, луѓето брзо го губат од вид, нагласи виенскиот надбискуп, потсетувајќи на изреката: „Далеку од очите, далеку од срцето“. Како пример, тој го наведе конфликтот во Газа, кој ја потисна руската агресија врз Украина од вестите. Таа војна „и покрај ова продолжува сурово, со безброј жртви, само што веќе не е толку силна во нашата свест, иако сè се случува толку блиску до нас“, предупредува кардиналот.
Истовремено предупредува дека војната во Светата Земја се турка во позадина. „По три месеци, повеќе од 100 израелски заложници се уште се киднапирани. За нив речиси веќе не се зборува“, напиша тој. Сепак, тие не беа заборавени од нивните роднини, кои продолжуваат да стравуваат за нивните животи секој ден, потсети кардиналот Шенборн.
Јасно, продолжува кардиналот, „не можеме да мислиме на сите страдања во светот“. Нашето внимание е ограничено“. Но, можете да започнете со тоа што нема да ги заборавите луѓето околу вас. „А ако не успеваме секогаш да го направиме тоа, ни останува утехата дека Бог никого не заборава, па ни нас самите“, заклучил кардинал Шенборн.
Ика/к.мк