Ерусалимскиот латински патријарх кардинал Пизабала, кој вчера се врати во Израел, изрази тага и вознемиреност поради настаните на Блискиот Исток и даде смирувачки вести за состојбата на христијаните во Газа. Тој ја поттикна меѓународната заедница, дека „треба повторно да почне да го разгледува израелско-палестинското прашање и да работи на смирување на ситуацијата и преку нејавно посредување“.
Да се осуди насилството, во сите негови форми, ангажирање за прекин на огнот и, пред сè, да се направи сè за да замолкне оружјето како би се овозможило да се слушнат други гласови. Кардиналот Пјербатиста Пицабала, латинскиот патријарх на Ерусалим, е тажен, но не и целосно изненаден од ужасот што се случува во Израел и во Газа, бидејќи и самиот долго време предвидуваше ескалација на тензиите, иако – како што рече – не до овој степен. Новиот кардинал, кој вчера се врати во Ерусалим, стравува дека војната ќе биде многу долга, барем додека не се реши палестинското прашање.
Преплашена земја
Откако се врати во Ерусалим со помош на цивилни и воени власти, и тоа израелски и јордански, бидејќи се врати преку Јордан, кардиналот во интервју за ватиканските медиуми рече дека ја затекнал земјата преплашена, изненадена од она што се случува. Се очекуваше зголемување на насилството, но секако не во такви облици, таков обем и таква бруталност – рече кардиналот и истакна дека забележал многу гнев и очекување на утешните зборови, ориентација, но и јасност за тоа што се случува. Накратко, тој рече дека нашол земја која значително се променила.
За состојбата на христијанската заедница во Газа, тој рече дека сите се добро, иако на некои семејства им се уништени домовите, но тие се безбедни. Сите се собрани во просториите на парохијата и нашето училиште – истакна тој – со надеж дека нема да бидат цел. Имаат резерви за храна некое време, но ако опсадата продолжи, може да дојде до проблеми.
Неочекуван размер и брутално насилство
Ескалацијата на конфликтот беше пред очи на сите, но никој не предвидуваше експлозија на такво насилство, такви размери и бруталност, истакна патријархот. Како и да е, во сето ова се истакнува едно прашање што е оставено настрана: палестинското прашање за кое некои мислеа дека е архивирано. Сè додека палестинското прашање, слободата, достоинството и иднината на Палестинците не се земаат во предвид и тоа во облици што се потребни денес, изгледите за мир меѓу Израел и Палестина ќе бидат сè потешки – истакна кардиналот Пизабала.
Страв од долга војна
Иако – како што рече – во овој момент е тешко да се предвидат можни идни сценарија, кардиналот рече дека е јасно дека не станува збор за воена операција, туку за објавена војна и изрази страв дека може да биде многу долга војна. Израелскиот одговор веројатно нема да биде ограничен на бомбардирање, туку ќе вклучи и копнени операции. Јасно е дека наеднаш влеговме во нова фаза во животот на оваа земја и односите меѓу Израел и Палестина – истакна тој и додаде – Ако можеме да зборуваме за односи.
Потребно е поголемо ангажирање од меѓународната заедница
Што се однесува до постапувањето на меѓународната заедница по ова прашање, латинскиот патријарх на Ерусалим рече дека треба да почне да го набљудува Блискиот Исток и израелско-палестинското прашање со поголемо внимание отколку што покажа досега. Дополнително, рече тој, треба многу да се работи за да се смири ситуацијата и да се вразумат завојуваните страни преку медијација, што не мора да биде јавна, бидејќи јавното посредување никогаш не успева. Потребна ни е поддршка, осуда на сите форми на насилство, неопходно е да се изолираат сторителите и неуморно да се работи за прекин на огнот. Затоа што се додека оружјето зборува, нема да може да се слушнат други гласови – истакна кардиналот Пизабала.
Ватикан њуз/к.мк