Зборувајќи за ТВ станицата на италијанската бискупска конференција Tv2000, државниот секретар на Папата истакна дека Светиот Престол е подготвен да промовира иницијативи за дијалог во војната во Украина; првата ескалација што треба да се избегне е вербалната; одредени зборови ги возбудуваат духовите и доведуваат до реакција со други средства.
Ако нашата работа може да помогне, ние сме тука – изјави кардиналот Пиетро Паролин, државен секретар на Папата, во интервју за Tv2000, телевизиска станица на Италијанската бискупска конференција. Кардиналот истакна дека првото нешто што треба да се направи е да се запре оружјето, да се запрат борбите, но најмногу да се избегне ескалација. Првата ескалација, истакна тој, е токму вербалната. Кога се користат одредени зборови, одредени изрази, тие само ги разбрануваат духовите и речиси водат, би рекол, со сигурност, и незабележливо, на употреба на сосема други средства, а тоа е смртоносното оружје што го гледаме на дело во моментов во Украина.
Во разговорот, кардиналот потсети дека интервенцијата на Светиот Престол се реализира на повеќе нивоа, почнувајќи од верско, со повик на упорна молитва Господ да и подари мир на таа напатена земја и да ги вклучи верниците во таа заедничка молитва. Потоа следува хуманитарна интервенција, преку Каритас и бискупиите, како и многу други институции, кои се вклучени во приемот на бегалците кои доаѓаат од Украина. На крајот, постои подготвеност за иницијативи на дипломатски план. Во светот веќе се прават различни обиди и затоа сме на располагање, доколку се смета дека нашето присуство и нашите постапки можат да помогнат, тука сме – изјави кардиналот Паролин.
Ватикан њуз/к.мк