Кардинал Паролин: Моето присуство во Украина е да ја донесам „во живо“ близината на Папата
Обврските и средбите на државниот секретар кардиналот Паролин во Украина продолжуваат. На 21 јули го посети седиштето на големиот киевско-халички архиепископ, Неговото Блаженство Свјатослав Шевчук: улогата на Црквата треба да биде пророчка, неопходно е да се поттикне голема молитва за мир.
Близината, која Папата ја покажа безброј пати, од прозорецот во Апостолската палата при пладневните обраќања и молитвата Ангел Господов, до многубројните „прозорци“ на Генералните аудиенции, станува блискост „во живо“. Така го опиша кардиналот Пиетро Паролин крајот на денот посветен на еден од централните моменти од посетата на државниот секретар на Папата на Украина. Имено, тој на 21 јули ја предводеше светата Литургија во маријанското светилиште во Бердичив, а попладнето отиде во седиштето на киевско-халичката архиепископија, каде што престојува поглаварот на Источната католичка црква во Украина, неговото блаженство Свјатослав Шевчук.
Големата близина на Папата
По тој повод, кардиналот сакаше да ја потврди смислата на неговата посета на земја која бара сила во издржливата вера за да се соочи со секојдневната драма. Пораката што ја донесов од Папата е близина – рече тој и додаде: Папата во последните години ја покажува на многу начини, користејќи ја придавката што сакаме да ја употребуваме, „страдалната Украина“. Од самиот почеток Папата покажа голема близина, големо учество во болката и страдањето на овој народ. Моето присуство – истакна кардиналот Паролин – додава нешто „во живо“ на тоа присуството на папата Фрањо кој ја споделува болката, но пред сѐ би сакал да помогне во отворањето на патиштата на мирот, патиштата до решение на оваа војна.
Надеж во Бога
Потсетувајќи дека вчера во проповедта на светата Литургија во светилиштето Бердичив, тој рече дека улогата на Црквата треба да биде пророчка, според ликот на пророкот Илија, државниот секретар истакна дека е неопходно да се поттикне голема молитва за мир, тргнувајќи од верувањето дека со Бога сè е можно и дека, дури и ако нашите надежи се секогаш конечни и ограничени, знаеме дека Бог е поголем од нас, од нашите срца и нашите можности“.
Изградбата напредува
Кардиналот Паролин, исто така, сподели еден спомен, уште позначаен во споредба со сценариото на уништување што Украина го трпи веќе две и пол години. Зборувајќи за седиштето на големиот архиепископ, тој рече дека забележал голем напредок откако го посетил во 2016 година. Во тоа време, изградбата на структурата беше сè уште на почетокот; и сега не е завршено – истакна кардиналот – но е постигнат значителен напредок и е направено многу во многу делови, особено во црквата. Среќен сум што го гледам тоа.
Ватикан њуз/к.мк