Кардинал Паролин го посети мигрантскиот центар во Гевгелија

На 19 март 2016 година Државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин во прдиружба на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов и Апостолскиот нуцниј во РМ, монс. Анселмо Гвидо Пекорари го посети Привремениот транзитен центар за мигранти „Винојуг“ – Гевгелија.

Кардиналот Паролин и придружбата беа пречекани од заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков и раководителот на центарот за управување со кризи Зоран Лазаревски кои на кардиналот му ја претставија целокупната ситуација за мигрантската криза со која се соочува Македонија. Во нивна придружба кардинал Паролин направи обиколка во кампот и се сретна со бегалците, кои во моментот се околу 30, ги сослуша и им ја искажа близината на папата Фрањо.

За време на обиколката кардиналот се сретна и разговара со волонтерите на Каритас и претставници на разни хуманитарни организации, давајќи им подршка и охрабрување во служењето на оние во потреба. Исто така за медиумите истакна дека го претставува Светиот Отец, папата Фрањо и сака да ја покаже неговата близина, дека Папата не ја заборава оваа драматична ситуација и истакна дека Европа може заеднички да најде решение во поглед на оваа криза и посочи на потребата од дијалог меѓу земјите кои се соочуваат со оваа криза.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот