Кардинал Канталамеса: Црквата не треба да биде затворен дворец кој го заградува Евангелието
Проповедникот на Папскиот дом кардиналот Раниеро Канталамеса во третата проповед за Божиќниот пост размислуваше на 17 декември во салата Павле VI во присуство на папата Фрањо за улогата на Марија во Црквата во светло на Божјото Слово и патристичката традиција.
Поаѓајќи од зборовите на свети Павле (Галатјаните 4,4) „Кој се роди од жена“, кардиналот истакна дека во Библијата изразот „роди од жена“ ја означува припадноста на човечката состојба, која се состои од слабост и смртност. „Доволно е да се обидеш да ги исфрлиш тие три збора од текстот за да ја сфатиме нивната важност“, истакна кардинал Канталамеса. Се запраша што би бил Христос без нив: „небесна, бестелесна објава.“ Дури и ангелот Гаврил „го испратил“ Бог, но за да се „врати во небото како што од него слегнал.“ Девицата пак, е таа која Синот Божји засекогаш Го „закотвува“ во човештвото и историјата. И така „во целата вселена Марија е единствената која може да Му се обрати на Исуса со истите зборови на Отецот небесен: „Ти си Син мој, јас Те родив.“
Анализирајќи го понатаму изразот „Кој се роди од жена“, кардиналот Канталамеса истакна дека свети Иринеј го чита во светлина на Прва Книга Мојсеева 3,15: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената.“ Марија се појавува како „жената која ја рекапитулира Ева, мајката на сѐ живо.“ Не се работи за „маргинална појава која влегува на сцена, а потоа исчезнува во воздухот.“ Тоа е поставување на „библиската традиција“ која започнува со жената „ќерка сионска“ која е „олицетврение на целиот израелски народ“, а завршува со жената „облечена во сонце со месечина под нозете“ од Откровението (12, 1) која ја претставува Црквата.
Уште повеќе „жена“ е израз со кој Исус ѝ се обраќа на својата мајка во Кана и под крстот.“ „Невозможно е да не се види врската во мислата на Иван помеѓу двете жени“: симболичката жена која е Црквата и реалната жена која е Марија“. Таа врска е вградена во Lumen gentium кој токму од таа причина „зборува за Марија внатре во конституцијата за Црквата.
Во врска со тоа, проповедникот се осврна на прашањето за „достоинството на жената“ истакнувајќи дека „во последно време е направено многу на зголемување на присуството на жените во сферите на одлучување во Црквата и дека уште треба да се направи.“ (…)
Според мислењето на кардинал Канталамеса „мора да направиме сѐ што е можно“ за Црквата да не стане „комплициран и пренатрупан дворец“ кој спречува Христовата порака да „излезе од него слободна и радосна.“ Знаеме кои се тие „ѕидови на поделба“ кои можат да го задржат гласникот. Пред сѐ тие се ѕидовите кои ги разделуваат различните христијански Цркви една од друга, потоа сувишната бирократија, остатоци од бесмислените церемонии: облека, закони и контоверзи од минатото, кои сега станаа повеќе од обични фрагменти.“ Но, неминово „доаѓа моментот кога се сфаќа дека сите тие прилагодувања повеќе не одговараат на моменталните потреби, уште повеќе претставуваат пречка.“ И затоа „мора да имаме храброст да ги срушиме и да се вратиме на градењето во единството и линеарноста на нејзиното потекло, со оглед на нивното повторно користење“, заврши проповедникот на Папскиот дом.
Ватикан њуз/к.мк