Кардинал Зупи се сретна со американскиот претседател Бајден за страдањата во Украина

Кардинал Зупи се сретна со американскиот претседател Бајден за страдањата во Украина

Кардиналот Матео Марија Зупи, специјален пратеник на Папата за промовирање на мир во Украина, се сретна со американскиот претседател Џо Бајден за да разговора околу хуманитарните напори на Светиот Престол за справување со страдањата предизвикани од континуираната руска агресија во Украина, како и за посветеноста на Ватикан за враќање на украинските деца одведени во Русија.

Во рамките на својата мировна мисија за Украина како специјален пратеник на папата Фрањо, кардиналот Матео Марија Зупи разговараше со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа во Вашингтон.

Средбата се одржа во вторник, 18 јули во 17 часот (GMT-4) и траеше околу два и пол часа.

Благодарност до Светиот Престол за хуманитарните напори

Во соопштението објавено од Белата куќа, се наведува дека американскиот претседател Бајден му изразил добри желби на кардиналот Зупи за понатамошно служење на папата Фрањо и неговото глобално лидерство. Тој, исто така, изрази задоволство што меѓу кандидатите за избор на нови кардинали е и американскиот надбискуп Роберт Францис Превост, префект на Дикастеријата за бискупи.

Претседателот и кардиналот зборуваа и за напорите на Светиот Престол за обезбедување хуманитарна помош за справување со страдањата предизвикани од континуираната руска агресија во Украина.

Стана збор и за ватиканското залагањеа за враќање на околу 19.000 украински деца кои се однесени во Русија од инвазијата која започна на 24 февруари 2022 година.

Застапување во име на децата

Украинската влада наведува дека реалниот број на украински деца во Русија би можел да биде значително поголем. Кардиналот Зупи, надбискуп на Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција, веќе го покрена ова прашање за време на неговите претходни мисии во Киев (5-6 јуни) и Москва (28-30 јуни) оваа година.

Во Русија, кардиналот Зупи разговараше за ова со Јуриј Ушаков, помошник на претседателот на Руската Федерација за надворешна политика, и Марија Лвова-Белова, комесарка на претседателот на Руската Федерација за правата на децата.

„Промовирање на мирот во Украина“

Кардиналот Зупи отпатува за Вашингтон во понеделник, 17 јули, заедно со службеник на Државниот секретаријат на Ватикан, а неговата посета треба да заврши во среда 19 јули.

Пред средбата со претседателот Бајден, кардиналот се сретна со неколку членови на американскиот Конгрес на Капитол Хил.

Канцеларијата за печат на Светиот Престол во понеделник, 17 јули, објави дека кардиналот Зупи ќе го посети Вашингтон со цел да се намали тензијата од конфликтот во Украина.

Според соопштението, целта на посетата е да се разменат идеи и мислења за актуелната трагична ситуација и да се поддржат хуманитарните иницијативи насочени кон ублажување на страдањата на најзагрозените луѓе, посебно на децата.

Осврт на нунцијот за мисијата на кардиналот во САД

Зборувајќи во вторник, 18 јули за неколку италијански медиуми, апостолскиот нунциј во Соединетите Американски Држави, монс. Кристоф Луис Ив Жорж Пјер, рече дека мисијата на кардиналот Зупи е да отвори дијалог: да слуша и да биде слушнат.

Меѓу новоименуваните кардинали е и апостолскиот нунциј монс. Пјер, кој истакна дека папата Фрањо се надева дека ќе придонесе за мирот, поконкретно за изнаоѓање начини за поддршка на хуманитарните иницијативи, посебно во однос на децата.

Идејата е да се размислува за мирот, во услови на комплициран контекст, рече тој. Кардиналот е многу реален, а ние се трудиме да направиме се што можеме, истакна апостолскиот нунциј во САД.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот