Како Карло Акутис како момче преобратил еден хиндуист и неговата мајка

„Неговото однесување се менуваше кога ќе влезеше во црква. Знаеше дека таму, каде што е Исус, работите се поинакви… Однесувањето на Карло ме допре во срцето“, раскажал Раџеш Мохур.

Денес Црквата го слави споменот на свети Карло Акутис, заштитник на младите и на оние што работат со компјутери. Верата на овој млад Италијанец била вдахновение за многумина, а поранешниот хиндуист Раџеш Мохур токму преку неговото сведоштво стигнал до Крштението во Католичката црква, објави своевремено EWTN News.

Мохур, родум од Маурициус, се преселил во Италија во средината на 1980-тите години, а кон крајот на 1995 година семејството Акутис го ангажирало да се грижи за нивниот син Карло.

Откако Карло ја примил Првата Причест на седумгодишна возраст, Мохур го придружувал до блиската црква на света Литургија. Хиндуистот забележал дека однесувањето на младиот Карло се менувало веднаш штом ќе влезел во црквата. Додека Карло се молел пред дарохранителницата, Мохур седел во задниот дел од црквата и го набљудувал момчето.

„Неговото однесување се менуваше кога ќе влезеше во црква. Знаеше дека таму, каде што е Исус, работите се поинакви… Однесувањето на Карло ме допре во срцето“, рекол тој.

Акутис со својот негувател со радост разговарал за работите што најмногу ги сакал: небото, светата Литургија и присуството на Исус во Евхаристијата.

„Постојано зборуваше за Евхаристијата, за Исус, за тоа како страдаше за нас… како го жртвуваше Својот живот за нас“, раскажал Мохур.

Хиндуистот ја забележал и грижата на Карло за другите. Се присетил дека еднаш младиот Карло ги собрал своите играчки, меѓу кои и некои убави божиќни подароци што ги добил од баба му, дедо му и родителите, и го замолил Мохур да го придружува во паркот за да ги продаде и парите да им ги подари на сиромашните.

„Кога ги видов делата на Карло, иако беше само дете, се преобратив“, раскажал Мохур.

Акутис го научил Мохур да моли Бројаницата и го поучувал во вистините на верата.

„Го знаеше Катехизмот на Католичката црква речиси напамет и толку прекрасно го објаснуваше што успеа да ме воодушеви од важноста на Светите Тајни.“

„Постепено почна да ми зборува за важноста на Крштението и за многу други работи“, додал Мохур. „Сите тие искуства го променија мојот живот и ми овозможија да Го видам живиот Бог.“

Откако ги примил Крштението и Првата Причест, Мохур почнал заедно со Акутис секојдневно да присуствува на света Литургија. Но преобраќањата не завршиле тука.

Кога неколку години подоцна мајката на Мохур дошла во Милано да го посети својот син, Акутис седел со неа во кујната и ѝ зборувал за Исус и за католичката вера. Меѓу другото, ѝ раскажувал и за јавувањата на Дева Марија во Лурд на толку убедлив начин што таа решила да го посети познатото светилиште.

Кога се вратила во Маурициус, побарала да биде крстена. По Крштението, мајката на Мохур ги посетувала болните во Маурициус и се молела со нив, користејќи осветена вода од Лурд.

„Тоа беше магијата на Карло“, рекол Мохур. „Успеа да нè преобрати и мене и мајка ми.“

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот