Идолопоклонството кон парите предизвикува смрт на бројни деца

Идолопоклонството кон парите предизвикува смрт на бројни деца

Во овие времиња кога средствата за јавно информирање известуваат за „бројни несреќи и бројни неправди“, кои посебно се однесуваат на децата, упатуваме „силна“ молитва до Бог да ги преобрати срцата на луѓето: да го запознаат Господ и да не се „поклонуваат на богот на парите“, рече папата Фрањо за време на светата Литугија на 23 октомври 2017 година, која ја служеше во капелата на Домот Света Марта.

Денешното Евангелие според Лука во параболата за богатиот на кој парите се неговиот бог, нѐ поттикнува да размислиме колку е празно да се потпираме на земските добра и како напротив вистинското богатство е односот со Господ.

Пред изобилството на своето богатство, тој човек не запира, размислува за тоа како да ги зголеми своите залихи и во својата фантазија, како да го продолжи својот живот, рече Папата. Целта му е да обезбеди богатство над секоја мера, не знаејќи за ситост, влегува во неконтролирана потрошувачка.

Кога човекот станува роб на парите, Бог е тој кој става граница на таа приврзаност. А ова не е приказна, која Исус ја измислил: тоа е стварност. Тоа е стварност на денешницата. Има толку многу луѓе кои сакаат да живеат за да се поклонуваат на парите, како би направиле од парите сопствен бог. Има многу луѓе кои живеат само за тоа и нивниот живот им нема смисла – рече Папата и продолжи цитирајќи го Евангелието: „Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.” Тие не знаат што значи да се богатиш во Бог.

Исто така спомна настан кој се случил пред многу години во Аргентина, кога еден богат претприемач, знаејќи дека е тешко болен, тврдоглаво купил вила, наместо да размислува за тоа дека наскоро ќе треба да се појави пред Бог. И денес постојат луѓе гладни за пари и земски добра, луѓе кои имаат премногу, наспроти гладните деца кои немаат лекови, кои не се во можност да се образуваат или кои се напуштени. Тоа е идолопоклонство кое убива, кое создава човечки жртви – јасно истакна Папата.

Тоа идолопоклонство е причина за смрт од глад на многу луѓе. Само да помислиме на случајот со 200 илјади деца Рохинџи во бегалските логори, рече папата Фрањо. Таму има 800 илјади луѓе, од кои 200 илјади се деца. Тие имаат потреба од храна, неисхранети и без лекови. Тоа се случува дури и денес. Тоа не е нешто што Господ го кажал само за своето време: Не. Денес! И нашата молитва мора да биде силна, рече Папата и продолжи со молитва: Господи, те молам допри ги срцата на оние луѓе кои се поклонуваат на богот, богот пари. Исто така допри го и моето срце за да не навлезе во тоа и да знам да гледам поинаку.

Друга последица од тоа идолопоклонство, додаде Папата, се војните. Дури и во семејствата. Сите знаеме што се случува кога станува збор за наследството, семејствата се разделуваат и сѐ завршува со омраза. А Господ на крајот благо нагласува дека треба да се богатиме во него. Тоа е единствениот пат. Богатство, но во Бог. Не се работи за тоа да се презираат парите, туку алчноста која значи да се живее и да се биде наврзан на богот пари.

Нашата молитва треба да биде силна и секогаш да бара во Бог цврст темел за нашиот живот, рече на крајот Светиот Отец.

РВ/к.м

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот